Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски ја поднесе кандидатурата и е официјален кандидат за градоначалник на Куманово на претстојните локални избори кои ќе се одржат наесен.

„Поддршката од граѓаните на сите релевантни анкети според кои е еден од трите најдобри градоначалници во државата и градоначалник кој највисоко котира од редовите на СДСМ, како и сите непосредни средби со граѓаните од општина Куманово, се мотив за официјално поднесување на кандидатурата за нов градоначалнички мандат на градоначалникот Димитриевски“, информира прес-сллужбата на општина Куманово.

Од таму велат дека Димитриевски заедно со својот тим и со поддршка од граѓаните во изминатите неполни четири години успеа во реализација на многу заеднички проекти за Куманово и кумановчани, со што покажа вистинска промена и докажува дека Куманово се менува на подобро.

„После долги години Куманово е конечно општина без долгови и финансиски стабилна. Куманово стана град со проекти и перспективи. Го подобривме животот во градот, се инвестираше во инфраструктурата, образованието, спортот, културата, заштитата на животна средина,  животот на младите и подобри услови за секој наш сограѓанин. Веруваме дека ќе продолжиме и во иднина, заедно со граѓаните да имплементираме нови проекти за едно модерно и европско Куманово. Град со висок стандард на урбано живеење и град кој ќе биде пример за цела држава. За Куманово како што го сакаме“, се наведува во соопштението.

Со оглед на тоа што соопштението е од општина Куманово, а Димитриевски се огласи преку ФБ, останува нејасно дали ќе добие поддршка од СДСМ или ќе оди на избори како независен кандидат. Во јавноста веќе се појавија информации дека СДСМ нема да застане зад оваа кандидатура, а кандидат на партијата ќе биде директорот на СЛужбен венсик на Македонија.