Еврокомесарката за трговија, Сесилија Малмстром и американскиот претставник за трговија, Роберт Лајтхајзер, имале конструктивна средба за трговските разлики, порача канцеларијата на Лајтхајзер по средбата.

Како што јави МИА, Малмстром и Лајтхајзер ќе се сретнат повторно на крајот на овој месец, по што ќе се одржат технички преговори со цел да се постигне првичен договор во текот на ноември, стои во соопштението.

Лајтхајзер порача дека се надева на рани резултати во делот на техничките бариери за трговијата, додека Малмстром изјави дека се надева на „ограничен трговски договор фокусиран само на царини врз добра“.

Трговските тензии помеѓу ЕУ и САД траат откако администрацијата на Доналд Трамп одлучи да ги оцарини европскиот челик и алиуминиум, предизвикувајќи загриженост во ЕУ и кај нејзините партнери. За возврат ЕУ оцарини низа традиционални производи.

Трамп и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во јули ја деескалираа состојбата по средба во Вашингтон и се договорија двете страни да започнат трговски преговори со цел постигнување „нула царини“. ЕУ стравува од можни царини врз автомобилите, додека пак САД смета дека е оштетена во повеќе области во размените со ЕУ, посебно за земјоделските производи.

За сега нема детали за што точно разговарале двете страни и дали станало збор за конкретни производи.