Македонците од општина Пустец, Мала Преспа го одбележаа патронот на манастирот „Света Марена“ во селото Туминец.

Поради актуелната состојба со пандемијата со Ковид-19 и препораките да се избегнуваат масовни собирања, одблежувањето на празникот посветен на Света великомаченица Марина-Марена-Огнена Марија, присуството на верници беше многу помало, споредено со претходните години, со запазување на мерките за заштита.

-Ја продолжуваме вековната традиција на одбележување на овој голем празник. Поради познатата состојба со коронавирусот присуството беше помало а во мал број беа и верниците од другите села на нашата област, Мала Преспа, потоа од подрачјето на Корча, Ресен и Прилеп, кои во голем број доаѓаа за овој празник, велат од локалната власт на општина Пустец.

Додаваат дека богослужбата во манастирската црква ја отслужиле свештениците Алексо Темелко и Роти Арѓир, по што верниците кусо останале во дворот на црквата.

Годинава изостанало и присуството на музичари, кои во измнатите години ги веселеа Македонците а орото се виеше до доцна попладне.

На ланското одбележување заедно со Македонците беше и претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој го честиташе, како што рече овој свет ден и запали свеќа за здравје.

-Вие сте прекрасна заедница, мирољубива и трудољубива, која заслужува една подобра иднина. Да ни е напомош на сите нам за подобра иднина Светата великомаченица Марена. За Пустец, за Албанија, за Македонија и за нашиот прекрасен соживот. Убавини и добрини секогаш,  порача тогаш Мета.

Манастирот датира од 18 век а обновен е 1926 година.Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро, локација која самата по себе дава дополнителна убавина и првлечност.