Актуелниот англиски шампион Манчестер сити го освои првиот трофеј во новата сезона, откако попладнево го совлада Челзи во 96-то издание на англискиот Суперкуп, наречен „Комјунити шилд“.

Двата тима настапија без целосни состави, бидејќи многу од фудбалерите имаат продолжен одмор поради Светското првенство.

Но, Пеп Гвардиола и без Кевин де Брујне и Давид Силва во тимот, постави поквалитетна игра и Сити заслужено дојде до победа.

Играч на натпреварот беше аргентинскиот репрезентативец Серхио Агуеро кој ги постигна двата гола – првиот во 13-та минута, а вториот во 58-а минута.

За Агуеро ова беа јубилејни голови број 200 и 201 во дресот на Манчестер сити.

Ова е петти трофеј на Сити во „Комјунити шилд“.