Фокусот на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) следната година ќе биде во дигиталната трансформација на административните процеси и услуги, преку што ги спојуваме најважните процеси: реформата на јавната администрација и дигитализацијата, најави ресорниот министер Дамјан Манчевски
Тој денеска го претстави Предлог буџетот на МИОА за следната година кој ќе изнесува 1.520.100.000 денари. Најголемиот дел од овие пари, 1.200.000.000 денари се одвојуваат за финасирање на МРТВ, Македонска радиодифузија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што е пракса веќе трета година по укинувањето на радиодифузната такса.
– На овој начин овие три институции добиваат редовни и предвидливи средства со што имаат можност долгорочно да ја планираат својата работа и програмата. Уредувачката политика на националната радиотелевизија е автономна и независна, рече Манчевски на прес-конференција во Владата.
Според него, на почетокот на следната година ќе бидат видливи резултатите од ИПА проектот за целосна реорганизација на поставеноста на институциите, а во фаза на евалуација на понудите е ИПА проектот од 4,5 милиони евра со кој ќе се дигитализираат клучните регистри за граѓаните и бизнисите и ќе се развијат дополнителни 120 нови електронски услуги кои ќе се нудат преку Националниот портал за е-услуги.
– На крајот на 2020, С. Македонија ќе биде масовно дигитализирана земја, со огромен исчекор на ова поле, рече Манчевски и најави дека до крај на годинава ќе биде пуштен во употреба Националниот портал за е-услуги и воведувањето на систем за електронска идентификација, а за негово одржување, надградба и модернизација се предвидени пари во буџетот на МИОА за 2020.
Од 1 јануари следната година треба да почне примената на системот за електронско управување на документи, кој, укажа ресорниот министер, е важен за професионализација на јавната администрација и со којшто таа треба да заборави на користење хартијата. Пет илјади административни службеници во најмалку 20 институции ќе работат на единствен систем за електронско управување со документи, што понатаму ќе се шири и во други институции.
Во 2020 година, според најавите, ќе се модернизира и надградува информацискиот систем за управување со човечки ресурси. Со зголемување и подобрување на функционалностите системот ќе ги обезбедува во реално време сите податоци за вработените во јавната администрација. Ова е основа и за голем број на анализи, како и за креирање на политики согласно потребите на институциите. И ова досега беше голем проблем, рече Манчевски.
Тој потсети дека со новиот Закон за инспекциски служби, којшто стапува во сила на почетокот на следниот месец се менува целосно концептот на вршење инспекции. Опомената се воведува како мерка пред казнувањето. Следната година во буџетот е предвидено финансирање на софтвер за е-инспекторати, со кој значително ќе се олесни и ќе стане поефикасна работата на инспекторатите.
Манчевски најави дека следната година МИОА ќе се приклучи и на програмата ИСА 2 на ЕУ со која се поддржува развојот на дигитални решенија за јавната администрација, бизнисот и граѓаните во Европа.