Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој учествува на глобалната конференција за сајбер безбедност во Лондон,  на панелот посветен на националниот и регионалниот прогрес оцени дека државава со евроатланстките интеграции станува се попривлечна цел за сајбер криминал и оти веќе има усвоено стратегија и акциски план за таа проблематика.

– Со влезот во НАТО, а наскоро и во Европската Унија, Република Северна Македонија станува се попривлечна цел за сајбер криминал. Секако, сајбер-безбедноста стана еден од клучните приоритети за Владата, особено за ресорните министерства задолжени за националната сајбер-безбедност. Комбинацијата на силна политичка волја и приоретизирање на изградбата на сајбер-безбедносните капацитети со поддршка од нашите стратешки партнери, резултираа со значајни достигнувања во изминатата година. Првпат, во инклузивен процес изработивме Стратегија и Акциски план за сајбер безбедност, рече Манчевски, соопшти МИОА.

Според него, неопходно е да се инвестира во опремување и јакнење на капацитетите на луѓето, на вработените во јавната администрација, но и во бизнис заедницата, затоа што никој не е имун на сајбер нападите.

–  Со оглед на тоа што соседните земји, односно земјите од Западен Балкан се наоѓаат на слична позиција и имаме одлична соработка и поддршка од Европската Комисија во областа на дигиталната политика, дадовме предлог во Северна Македонија да се отвори првиот Регионален центар за обуки и истражување во областа на сајбер безбедноста. Предлогот е изготвен и во тек е проценка на организациските и финансиските ресурси. Предложениот концепт за Регионалниот центар за обука и истражување на сајбер безбедноста ќе се вклопи во рамките на Технолошки парк, кој се наоѓа во Скопје, информирал министерот Манчевски.

Фокусот на овогодинешната конференција е градењето на глобални капацитети за сајбер безбедност, во наредните пет години. Главни прашања кои се отворија на конференцијата се: Кои се новите закани? Со кои предизвици ќе се соочат државите? Колку државите имаат капацитет да обезбедат сајбер безбедност и како тоа ќе резултира врз градењето на капацитетите за борба со сајбер криминалот.