Македонската акадамија на науките и уметностите (МАНУ) денескаобјави официјален документ и даде поддршка за интегрирање во ЕУ, но само под услов да се зачува идентитетот и државотворноста на македонскиот народ.
„Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години)”, се вели, меѓу другото, во Промеморијата што ја објави попладнево Претседателството на МАНУ.
Во документот на Македонската академија на науките и уметностите со наслов “Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ”, меѓу другото се вели:
“Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите ги поддржува напорите на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ, залагајќи се, притоа, за почитување на:
– меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен и јазичен и номинален идентитет;
– резултатите од легитимните пописи на населението изведени во неколку наврати во некогашната Федеративна Република Југославија (1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991) и во Република Македонија (1994, 2002), кога Македонците по своја слободна волја се изјасниле за припадници на посебен етнички и национален ентитет;
– резултатите од двата референдума, во 1991 и во 2018 година, кои ја озаконија свеста и волјата на македонските граѓани и на македонскиот народ и го легитимираа нивното неприкосновено право на самоопределување и самоименување;
– сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика и лингвистика, современата светска историска наука, и меѓународното право, според коишто:
македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години);
македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор;
достоинството на македонскиот народ.