Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ објави на својот Фејсбук профил дека Европската комисија денеска дала предлог да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Македонија.
– Со оваа помош до 100 милиони евра уште еднаш се докажува кој стои до С. Македонија во тешки времиња и во време на економска и енергетска криза. Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на С. Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи, вели Маричиќ.
Помошта ќе дојде во форма на заеми, а нивното спроведување ќе биде дефинирано заеднички со ЕУ, преку Меморандум за разбирање. Меморандумот за разбирање најверојатно ќе се фокусира на реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупција. Плаќањата, исто така, би биле условени од позитивното искуство во спроведувањето на програмата на Меѓународниот монетарен фонд.
Сите овие реформи всушност ќе ја поддржат Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече: „Ние стоиме покрај Северна Македонија во овие времиња на предизвици. Денеска предлагаме до 100 милиони евра макрофинансиска помош за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години“.
Макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со соседните партнери и партнерите за проширување, и е наменета како исклучителен инструмент за одговор на кризи за партнерите кои се соочуваат со сериозни проблеми со платниот биланс. Тоа ја покажува солидарноста на ЕУ со овие партнери и поддршката на ефективни политики во време на криза без преседан.
Денешниот предлог, кој следува после грантот од 80 милиони евра за справување со енергетската криза, ја придружува 24-месечната програма за поддршка, склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), до 530 милиони евра.