Блок 1 на РЕК Битола утрово е исклучен од мрежа заради интервенции во цевководниот систем на постројката, сервисни и ремонтни активности на млинските кола и нега на постројките во машинската сала на блокот, информираат од АД ЕСМ.

Како што нагласуваат, се очекува блокот да биде ставен во функција во следните 24 до 48 часа.

-Заради енергетската криза во која се наоѓа земјата и потребата од постојано и зголемено производство на електрична енергија, ремонти и санација на блоковите не се изведуваат како што вообичаено тоа се прави, со застои на производствениот процес на блок во период од 60 до 90 дена. Сите неопходни зафати во овој период се прават кога се апсолутно неопходни или кога ќе се укаже можност за тоа, соопшти АД ЕСМ.

Блок 2 и Блок 3 на РЕК Битола, се посочува во соопштението, во моментов работат без проблеми. Ремонтни активности на Блок 2 се предвидени за следната недела.

-За сиот овој период, АД ЕСМ ги задоволува потребите за електрична енергија на конзумот со производство од останатите свои капацитетите. Увоз на електрична енергија нема, потенцираат од компанијата.

На новото исклучување реагираше Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ:

– Два дена со температура околу 0 и толку од РЕК Битола. Пукаат блоковите, та млинот ли е, цевководот ли е, не е важно- блокот не работи! Толку им држи на “Шампионите”, а го реновираа минатиот месец.
Нели беа во полн капацитет? Нели требаше да се издржи зимата? Нели “шампиони” во справување со енергетиката? Е “нели”, ама со 18 степени среде јануари. Само што малку застуде, отидоа блоковите. А сетете се, зиме паѓало и -25! – реагира Стилковски во објава на Фејсбук,

Во меѓувреме, додава портпаролот, „на ангро” се увезува!

– Прогнозите покажуваат дневна минусна температура до крај на неделата. Дали следен за пад е Блок 2 или Блок3 ? Во меѓувреме и Бочварски стана дел од кластерот во владата за увоз на струја. Еве сега Таравари ќе влезе во влада и ќе го оправи Блокот!- објави Стоилковски.