Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, маршираа на Парадата на гордоста, која годинава се одржува под мотото: „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.
Вицепремиерот Маричиќ вели дека неговото присуство на Парадата на гордоста е чин на солидарност и максимална поддршка на борбата за човековите права и слободи на секој еден, на секоја една и дека денес, на ЛГБТИК+ Парадата, се маршираше против хомофобијата, секаква омраза, насилство и дискриминација.
– Горди сме на слободата која ја живееме. Но, слободата ниту е конечна, ниту е доволна, особено ако сè уште постојат луѓе кои не се чувствуваат слободни. Да градиме општество еднакво за сите и да научиме да живееме со почит и толеранција, прифаќајќи ги различностите. Да се излезе за љубов и за еднаквост е достоинствено и праведно, стои на Фејсбук профилот на вицепремиерот Маричиќ.
Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска вели дека Министерството за труд и социјална политика, го донесе Законот за спречување и заштита од дискриминација со кој се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, со кој за прв пат како основ за дискриминација се дефинирани сексуалната ориентација и родовиот идентитет.
-Правото на избор секој да го живее сопствениот живот со изборот што го направил е неприкосновено право. Да се научиме да живееме и да практикуваме толерантност, почитување и прифаќање на различностите. Едно општество за сите, пишува на Фејсбук статус министерката Тренчевска.