Вицепремиерот Бојан Маричиќ вели дека ЕУ е најголем донатор во Македонија, а во врска со измените на Уставот за влез на Бугарите, што е еден од условите, не гледа смисла да се одржи ниту референдум ниту избори.
– ЕУ е убедливо најголемиот донатор на Западен Балкан, па и кај нас во С. Македонија. Од 2007 година до денес, преку ИПА програмата милијарда евра се вложени во државата и тоа се неповратни средства кои се вложени во инфраструктурата и во развојот. Сето тоа е вложување во подготвување за членство во Унијата, кое ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови кога ќе станеме членка на Унијата, вели вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ во интервјуто за Капитал.
За Маричиќ нема смисла одржување референдум ниту пак предвремени парламентарни избори. Како што вели не гледа поента да се отвораат овие прашања кога преговорите со ЕУ, според него, се започнати, а Владата добро менаџира со предизвиците од војната во Украина.
На прашањето како власта планира да ги направи уставните измени кога опозицијата сè уште е цврста на ставот дека нема да ги гласа и бара предвремени избори, Маричиќ вели дека Владата и како мнозинство во Собранието работат на создавање поволна атмосфера, за да дојде до тие две третини гласови кои ќе поддржат уставни измени.
Тој посочува дека нивна цел е успешни уставни измени, брзо и темелно спроведување на европската реформска агенда и во 2030 Македонија да биде членка на ЕУ.