До крајот на март ќе бидат опремени 10 судници во пет основни суда во земјата за одржување онлајн судења, најави министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за МИА.
– Мора да ги користиме придобивките на модерната технологија доколку сакаме да сме во тек со современите текови. Веќе знаете дека судот во Кавадарци одржа онлајн рочиште, а тоа треба да ни биде и мотив дека тоа е можно и во Северна Македонија, вели Маричиќ.
Посочува дека како Министерство ја отвориле темата за онлајн судења и дигитализација на судството од самиот почеток на пандемијата.
– Прашањето за дигитализација не е дали, туку кога, а пандемијата е само своевиден катализатор на потребата од овој процес, додава министерот за правда.
Во 2021 година, како што истакнува Маричиќ, ќе се интензивира работата на внесување на потребните одредби во законските решенија, а дополнително ќе се работи на обезбедување на потребната опрема и кадар за непречено одвивање на процесот. Интервјуто МИА ќе го објави во целост подоцна во текот на денов.
Од екстрадицијата на Груевски не се откажуваме
Државата презема сè што е во нејзина моќ да добие екстрадиција на Никола Груевски назад во земјата. Од екстрадицијата не се откажуваме и ќе продолжиме активно да работиме со цел враќање на Груевски дома, вели Маричиќ во интервју за МИА.
Државата, како што истакнува Маричиќ, не е лимитирана во однос на тоа колку пати може да побара на екстрадиција на лицата кои се во бегство.
-Одлуката на Уставниот суд да ја прогласи за уставна одлуката за повлекување на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов е нов момент во овие случаи. За поранешниот премиер досега се поднесени две барања за екстрадиција, едно на 20.11.2018 година и друго на 13.6.2019 година. Од екстрадицијата не се откажуваме и ќе продолжиме активно да работиме со цел враќање на Груевски дома, вели Маричиќ.
Барањата за екстрадиција, како што додава, се постапки со странски држави кои секогаш го имаат последниот збор во поглед на екстрадицијата.
–Одговорите или причините за одбивање се секогаш различни – некогаш сторителот не може да биде лоциран, некогаш се одлучува да не се екстрадира, некогаш постапката продолжува и се бараат дополнителни материјали. Наше е никогаш да не се откажеме да го исполниме барањето на правосудните органи сторителите на кривични дела да бидат донесени во Северна Македонија и сме во постојана комуникација за сите предмети кои се во тек, истакнува министерот за правда во интервјуто за МИА, кое наскоро ќе биде објавено во целост.