Министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција најави закон за вонредна и воена состојба, имајќи предвид, како што рече, дека не знаеме што не очекува во иднина со коронакризата.

Маричиќ рече дека поучени од сите недоречености по прогласувањето на вонредната состојба, која кај нас е регулирана само „со еден или два члена во Уставот“, смета дека е добра идеја набргу да се донесе закон за вонредна и воена состојба. Очекувам во многу скоро време да се формира работна група и да се направи консултација со експертите, опозицијата, претседателот на државата, владините претставници, кои беа вклучени во спробедување на вонредната состојба. Како што најави министерот, во консултациите ќе бидат вклучени сите надлежни институции.

Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања дали јавниот обвинител ќе се бира на предлог на опозицијата рече дека не смета оти обвинителот треба да се бира со политички договор, укажувајќи на искуството со изборот на јавен обвинител на СЈО.

Изборот на јавен обвинител, како што потенцира, е уставна категорија и за тоа да се промени потребно е менување на Уставот. Според Маричиќ, ние имаме добар јавен обвинител и тој може да ја заврши работата.

– Нашиот принцип е политиката да биде што подалеку од овие процеси, рече Маричиќ.

Тој најави дека во однос на реформите во правосудството, во ноември ќе се одржи состанок на Подкомитетот за поглавјето 23 и оти ќе се дискутираат сите приоритети. Наши приоритети, како што кажа се, зајакнување на независноста на судството, филтрирање на правосуството, зајакнување на борбата против високата корупција, и постапувањето во случаите за високата корупција, како и нивен мониторинг. Маричиќ најави и ревизија на Законот за кривична постапка и Кривичниот законик.