Се уште е неизвесно дали ќе почне за денеска најавениот Попис на населението, домаќинствата и становите 2021 година или, пак, во последен момент Собранието ќе донесе одлука за негово одложување за септември како што беше договорено на лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Од Државниот завод за статистика кој е надлежен за спроведување на пописот велат дека немаат коментар дали треба да се одржи или одложи пописот се додека не се заврши постапката во Собранието. Министерот за правда, пак, Бојан Маричиќ вели дека пописот, според постојниот Закон, треба да почне денеска и доколку попишувачите излезат на терен и соберат некакви податоци, тие ќе бидат земени предвид.
-Тоа е прашање за Државниот завод за статистика и доколку го следат словото на Законот треба да се почнат определени активности. Какви активности и да се преземат, тоа ќе биде нивна проценка од практичен аспект, но кои активности и да бидат преземени тие ќе имаат важност за целиот процес, така што доколку почнат со попишувачки активности тоа ќе значи дека тие податоци ќе важат исто како што важат тие за дијаспората досега, рече вчера Маричиќ.
Нам, додаде, ни е целта суштински да го направиме пописот.
-Жалиме што не успеавме вчера вечер да се донесе законот, но јас верувам дека ова одлагање од неколку дена нема да пречи на целиот процес, бидејќи сите партии во Собранието се согласни, со исклучок на Алијанса на Албанците и Алтернатива, истакна Маричиќ.
Доколку денеска законот се најде на дневен ред, според него, може да биде донесен во најскор можен рок, бидејќи е предложен во скратена постапка и со европско знаменце што значи дека повеќе од два или три дена не може да трае постапката за негово усвојување.
Нема услови денеска да се одржи седница на Собранието за одложување на пописот беше епилогот од вчерашната попладневна координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери на која присуствуваа потпретседателите Горан Мисовски и Фадил Зендели, како и координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на ДУИ, Арбер Адеми, на Алијанса на Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи и Димитар Апасиев од Левица.
Против одржувањето на седницата бил координаторот на пратеничката група Алијанса за Албанците Алтернатива зашто сметал дека одложувањето на пописот за септември не е поради актуелната здравствена состојба, туку дека станува збор за политичка одлука.
-Ве известувам дека и покрај моите целодневни настојувања за усогласување на ставовите на сите политички чинители во насока на постигнување на договор и одржување на двете седници на кои би се изгласале Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите 2021 година и Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризни состојби, чиј што рок нагласувам дека истекува вечерва во 00:00 часот, не се постигна договор. Сите претставници на пратеничките групи и претставниците на политичките партии застапени во Собранието на Република Северна Македонија, изразија готовност за одржување на седниците, освен Алијанса за Албанците и Алтернатива. За понатамошниот тек ќе биде информирани дополнително за време на утрешниот ден, информира вчера Џафери по завршувањето на координацијата.
Тој претходно рече дека не може да каже кога ќе бидат донесени измените на Законот за попис зашто има процедури што треба да се испочитуваат. Нагласи дека мора да бидат запазени сите постапки и информира дека од формален аспект предлозите ги вратил до предлагачите, од каде очекува во најбрз рок да ги вратат повторно во Собранието. Предлагачите по два часа ги вратија во Собранието, но немаше резултат од закажаната координација.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека може да гарантира пред граѓаните дека ќе стори се процесите во државата да бидат успешни и процесот на пописот да даде квалитетни и целосни податоци од кои потоа ќе може државата квалитетно да ги димензионира и економските, финансиски и сите видови на политики.
Затоа е важно, како што кажа, низ дијалог да постигаме консензус за секое можно прашање, а посебно за вака важни прашања кои се за целата држава и за нашиот народот. Порача сите заедно да застанеме за да имаме успешен попис. Додаде дека поголем дел од населението до септември ќе биде имунизирано, но никој не може да гарантира дека во септември нема да им поголем бран од сегашниот на коронавирусот.
-Секоја отстапка, секоја големина, секоја широчина која ќе ја гарантира успешноста на процесот е добредојдена и важна во функција на успешноста на процесот. Еден граѓанин да не се попише е проблем зошто не е добро. Сите треба да се попишат, рече Заев по средбата со координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески за изнаоѓање решение за законот за државјанство заради кој Алијанса и Алтернатива го блокираат донесувањето на сите закони во Собранието меѓу кои и за одлагање на пописот.
И вицепремиерот Артан Груби вчера на прес-конференција ја покани албанската опозиција на средба на која ќе разговараат за пописот на населението и посочи оти му е жал за одбивањето од нивна страна за меѓупартиска соработка.
– Средбата меѓу секретарите на албанските политички партии кои се дел од Парламентот беше свикана пред да се одржи средбата меѓу Заев и Мицкоски. Нивната покана беше испратена претходно, до вчера тие не дадоа одговор за оваа покана. Во врска со оваа средба темата беше пописот на населението, законот за државјанство, како и меѓупартиската соработка во врска со проекти кои се во Парламентот. Многу искрено беше подадена рака за соработка кон опозицијата која ја одби како што и претходно ја одби, рече Груби.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ одложувањето на пописот за септември е разумно решение во период на пандемија. Нивниот пратеник Тимчо Муцунски вчера од Ресен порача дека очекува да биде испочитуван договорот од лидерската средба меѓу Мицкоски и Заев и пописот да се одржи во септември.
– Што се однесува до пописот, има договор за одложување и тоа треба да се почитува. Не затоа што има договор, туку затоа што е единствено разумно решение во оваа пандемија во која што гледаме огромен број на наши сограѓани заболени, гледаме крах на здравствениот систем и за жал многу мртви случаи. Тоа е една огромна трагедија која што и се случува на Македонија и затоа пописот треба да се одложи, рече Муцунски.