Во Секретаријатот за европски прашања, денеска беше промовирана кампањата „Ние сме Европа“ во организација на СЕП, а во соработка со Владата на Република Македонија, која ќе чини 80 илјади евра, односно 5 милиони денари.
Караванот на кампањата ќе опфати осум градови со повеќе теми и тоа Скопје каде темата ќе биде економија, Струмица – труд и социјална политика, Прилеп – земјоделие, Битола – култура, Охрид – туризам, животна средина, Тетово – млади, Штип – инфраструктура и Куманово – енергетика.
-Првиот настан е во Скопје на 30 август и ќе го отвори премиерот Димитар Ковачевски, информираше вицепремиерот Бојан Маричиќ на денешната промоција на кампањата во просториите на СЕП.
Активностите, како што дополни, ќе вклучуваат посета, средби со целни групи кои се заинтересирани да прашаат нешто конкретно за темата и генерално за процесот на пристапување.
-Во секој град ќе се одржува и трибина каде што ќе биде отворена за присуство на сите граѓани, рече вицепремиерот.
Тој информираше дека кампањата е во рамки на напорите Република Македонија да ги исполни стратешките цели и да ги приближи граѓаните кон евроинтеграциите.
– Целта на овие настани е да ги претставиме придобивките, неопходните реформи и начините како членството во Европската Унија ќе го заштити и зајакне македонскиот идентитет, рече вицепремиерот Маричиќ.