Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, прашан дали се работи на формирање широка предизборна коалиција во чиј состав би влегле сите партии освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица, рече дека сè што оди во насока на креирање широк фронт на политички партии што ќе се најдат на страната на поддршка за брзо зачленување на Македонија во ЕУ, е вредно за размислување.

Идејата за широка предизборна коалиција јавно ја актуелизира лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој на 22 декември изјави:

– Да размислиме повеќе за создавање фронт за европска Македонија, да не се делиме на Албанци и Македонци, туку да се охрабриме и да го тргнеме стравот едни од други. Овој фронт мора да се изгради и јас и вие заедно го имаме моралното и националното право тоа да го направиме за политичките партии, затоа што Македонија мора да биде европска бидејќи историски и територијално ѝ припаѓа на Европа, рече во новогодишниот говор Ахмети.

Маричиќ вели дека СДСМ има јасна цел и план за европскиот пат.

– Мислам дека сите овие идеи што имплицираат окрупнување на фронтот за европска Македонија и на фронтот што треба да ги носи промените, а фронтот треба да биде отворен за сите оние што искрено веруваат во европска иднина на С. Македонија, треба да го оставиме како тема на размислување и концепт на размислување, рече Маричиќ.

На прашање како би стигнале до 80 пратеници, со оглед на тоа што дури и со евентуална широка предизборна коалиција би биле далеку од двотретинско мнозинство во Собранието, Маричиќ одговори дека, според него, прво треба да се направат уставните измени, а потоа да се оди на избори.