Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервјуто за српска „Политика“ изјавил дека државнички и одговорно одговори Владата на сите предизвици со кои се соочуваше во текот на дијалогот со Бугарија и Европската Унија и дека во сите документи, кои беа јавно објавени, вклучувајќи го и Протоколот, успеа да го заштити македонскиот јазик и идентитет.
– Нема никаква шанса за асимилација, бугаризација ниту пак територијална претензија. Напротив добивме еден европски предлог кој овозможува да ги започнеме преговорите со Унијата веднаш, со заштитен македонски јазик и идентитет, а истовремено имаме и компромисен документ кој ќе ни овозможи, во веќе утврдена рамка на обврски за двете страни, побрзо да ги надминеме отворените прашања со Бугарија, вели Маричиќ.
На прашањето дали се можни идни блокади на патот кон Европската Унија, вицепремиерот Маричиќ одговорил дека во политиката не може сè да се предвиди и дека нема гаранции за ништо, но дека постои спремност во оваа Влада да оди напред кон онаа цел која генерациски е зацртана, полноправно членство во ЕУ.
-Јасни се правилата на функционирање на Унијата и на текот на процесот интеграција во Европската Унија и никој не може да гарантира дека во текот на преговорите некоја друга земја нема да нè блокира за некое друго прашање. Но, како општество сме доволно зрели да знаеме да процениме какви одлуки мора да се донесат, кога се во прашање нашите интереси и кога компромисите се неопходни, додал вицепремиерот Маричиќ.
Во интервјуто за „Политика“ вицепремиерот за европски прашања Маричиќ вели дека иако нашиот пат кон Брисел беше тежок и полн препреки и предизвици успеаа да ја потврдат европската иднина на земјата, донесувајќи историска одлука со која Македонија ја започнува трката за членство во Европската Унија, и заедно со Србија и Црна Гора стануваме држава која преговара.