Се подобро ги искористуваме фондовите на Европската Унија, но има простор за подобрување и ќе продолжиме. На почеток од 2023 година следува нова инвестициска офанзива со европски пари, информира вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција во Владата.
Маричиќ појасни дека на тековниот повик за инвестициски грантови, Македонија учествува со три нови проекти во вкупен износ од околу 53 милиони евра и тоа два проекта од областа на енергетиката – реновирање на шест хидроцентрали и изградба на ветернички парк во Богданци и еден од областа на заштитата на животната средина – изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југозападен и Југоисточен регион.
– Работиме на спроведување на инвестициска агенда на земјата и аплицираме за големи стратешки проекти кои се влог за иднината на нашите деца. Преку инвестициската рамка за Западен Балкан која С. Македонија веќе ја користи се финансираа стратешките приоритети од економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан промовиран во октомври 2020 година. Тогаш еврокомесарот Вархеји најави 9 милијарди евра за периодот од 2021-2027 година, инвестиции кои треба да привлечат дополнителни 20 милијарди евра заеми од меѓународните финансиски институции, информира Маричиќ.
Македонија, како што посочи, учествуваше во сите 28 повици за техничка помош кои се досега објавени и на сите седум за инвестициски грантови, по одобрени 43 грантови во вредност од 2,6 милијарди евра за вкупна вредност на инвестиција од 421,4 милиони евра надополнети со заеми од околу 600 милиони евра.
– Доаѓаме до скоро 230 евра по глава на жител што ја става С. Македонија на второ место по искористеност на европски средства на инвестицискиот фонд за Западен Балкан веднаш после Црна Гора. На крајот на јули оваа година, ЕУ ги одобри првите проекти за спроведување на економскиот инвестициски план за Западен Балкан. Ние аплициравме со четири инвестициски проекти и добивме поддршка за секој од нив во износ од 225,6 милиони евра, рече Маричиќ.
Одобрените прокети на последниот повик, како што појасни, се следни: за проектот изградба на железница меѓу Македонија и Бугарија во рамки на Коридор 8 секција Крива Паланка – граница со Бугарија доделен е грант во износ од 149, 2 милиони евра, за проект за набавка на опрема за Осломеј 1 Фотоволтаична станица 1,6 милиони евра, за проект за набавка на опрема за фотоволтаичните централи Осломеј 2 и Битола грант во износ од 5 милиони евра, како и изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје грант од 69,8 милиони евра.
Вицепремиерот додаде дека во рамки на шестиот повик за инфраструктирни грантови одобрени се грантови од 1,1 мјилијарди евра за сите шест земји од регионот, а проектите од Македонија учествуваат со 20,5 проценти од овој одобрен износ.
Дополнително, како што најави Маричиќ, во соработка со Германската развојна банка КФВ ќе се работи на енергетска ефикасност на сите студентски домови во државна сопственост.
Во однос на ИПА 3 кој е нов концепт на ЕУ во однос на претпристапната поддршка на земјите од Западен Балкан, во јули оваа година СЕП го доставил првиот нацрт ревидиран стратешки одговор до ЕК прилагодувајќи со последните новости од ИПА 3 прозорците.