Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска беше домаќин на средбата со заменик-министерот за надворешни работи, за економска дипломатија и отвореност на Република Грција, Костас Фрагојанис, со кој изразиле задоволство од динамиката на релациите помеѓу Северна Македонија и Грција во рамки на Договорот од Преспа и зајакнатата билатерална соработка.
Како што соопшти СЕП, од грчка страна била потврдена силната поддршка за забрзување на евроинтегративниот процес, како од политички, така и од аспект на обезбедување експертска и техничка поддршка на тимовите во земјава кои ќе работат на поглавјата со цел отпочнување на преговорите на Македонија со Унијата.
-Ме радува тоа што денес Република Грција е силен лобист за европската перспектива на С. Македонија и наш пријател и партнер во исполнување на оваа наша стратешка цел за заокружување на долгогодишниот пристапен процес, со отпочнување на преговори за членство во ЕУ, истакнал вицепремиерот Маричиќ.
Резултатот од Договорот од Преспа, се вели во соопштението од СЕП, ги постигна своите цели и освен решение на тридецениското отворено прашање меѓу двете соседни земји, создаде сојуз и партнерство, и ја разви билатералната соработката која отвори нови можности за двете земји.
На средбата од наша страна била изразена подготвеност за повторно активирање на соработката во рамките на Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, потпишан во април 2019 година. Маричиќ и Фрагојанис ги разгледале можностите за продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји од аспект на поддршка на реформскиот процес, како и проширување на економската соработка во рамките на Меморандумот за формирање на управен комитет за економска соработка согласно Договорот од Преспа, чија процедура за ратификација беше финализирана во јули 2021 година.
-Добрососедските односи резултираа и со зајакнување на прекуграничната соработка и ќе продолжиме да ја унапредуваме соработката во областите важни за граѓаните на двете држави, преку реализација на проектите финансирани од Програмата за прекугранична соработка, се додава во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.