Со новото дело „демнење“ предвидуваме строги казни за вознемирување и преку интернет, нешто што за жал се случува сè почесто, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ.
Тој на денешната прес-конференција објави дека во Владата поминале измените на Кривичниот законик, со кои заштитата на медиумските работници и жените се издигнува на многу повисоко ниво.
– Со новото дело „Демнење“ предвидуваме строги санкции за вознемирување и преку интернет, нешто што за жал се случува сè почесто. Сега тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години, вели Маричиќ.
Тој најави дека „во иднина нападот врз медиумските работници ќе се третира исто како напад врз службено лице“.
– Воведуваме строги казни за закана за напад врз новинари. Во иднина Обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи, вели Маричиќ.