Првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ го посети училиштето, односно здружението за мултиетничко музичко образование „Рома рок скул“ – Скопје кои го спроведуваат проектот „Музиката поврзува: Рок-музиката поттикнува инклузија низ Европа“.
На средбата Вицепремиерот Маричиќ се запозна со работата на училиштето кое е корисник на програмата „Креативна Европа“ претставена од претседателот на здружението Алвин Селимовски.
Важноста на овој проект е значењето на спроведувањето на програмата на Европската Унија наменената за поддршка на културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор. Проектот во рамки на програмата „Креативна Европа“ е дизајнирана да обезбеди полесен пристап до финансирање, зајакнување на конкурентноста на европскиот креативен и аудиовизуелен сектор, поддршка на мобилност за уметниците и професионалците.
По средбата Вицепремиерот Маричиќ ја истакна важноста на проектите на Европската унија со посебно внимание на поддршката на музичкиот сектор и музичката индустрија.
-Активностите на Рома Рок Скул го зајакнуваат младинскиот талент, се поттикнува инклузијата и развојот на младите и се реализира културна размена и соработка, користејќи ја рок музиката како заеднички јазик за премостување на историските и политичките јазови – рече Маричиќ.
Проектот е поддржан со 1 милион евра средства од ЕУ, додека пак активностите на македонскиот партнер се кофинансирани и од страна на Владата, преку Министерството за култура со средства од скоро 750 илјади денари.
-Нашата цел е да ги охрабриме младите да ги користат овие можности, да се стекнуваат со образование и знаење. Вмрежувањето со врсниците, поврзувањето и разменувањето на знаењето даваат дополнителна мотивација за европеизација, со бројни придобивки за сите млади, амбициозни и перспективни талентирани уметници кај нас – изјави Маричиќ.
Претседателот на здружението Рома Рок Скул Алвин Селимовски во продолжение изјави:
„Проектот „Музиката поврзува“ и Рома Рок Скул функционира од 2017г и работиме на една иста цел, а тоа е зближување на учениците од различни етникуми во еден мешан бенд, Се трудиме преку музиката и интерактивна настава да ги срушиме стереотипите и да ги зближиме младите.“
Посетата на училиштето беше организирана од страна на Секретаријатот за европски прашања и обезбедени се потребни дозволи за објавување на фотографии на малолетни лица.
Сектор за организациски работи и односи со јавност на СЕП