Времето денеска во Македонија ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа особено попладне, ќе биде нестабилно со пообилен пороен дожд (над 30л/м2) грмежи и силен ветер (над 70 км/час), локално во форма на невреме.

Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 15 до 23 степени.

Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне 20 степени.

Под влијание на серија на влажни бранови, до почетокот на следната седмица времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Утре наместа ќе има појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 км/час), локално во форма на невреме.

Од петок, а особено за време на викендот поради спуштање на студена воздушна маса врнежите од дожд на планините и повисоките места ќе бидат од снег и ќе се формира нова снежна покривка. Врнежите повремено ќе имаат обилен карактер, наместа над 40 л/м2 за краток период.

Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврна во Претор со 22  литри на квадратен метар, во Охрид 17, во Тополчани 14, во Лазарополе и Прилеп 12, во Крушево 11, во Битола 10, во Штип седум, во Виница шест, во Дебар и во Маврови Анови пет литри на квадратен метар. Најмалку дожд наврна во Скопје-Петровец, Кавадарци, Велес и Пожаране, само еден литар на квадратен метар.

Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најстудено утрото беше на Попова Шапка, пет степени, а најтопло во Демир Капија и Гевгелија, 15 степени.

Во текот на ноќта времето беше умерено до значително облачно. Од раните утрински часови на повеќе места има врнежи од дожд, кои локално во југозападниот дел од земјата беа пообилни, проследени со појава на грмежи. Дува слаб до умерен, на места засилен ветер од јужен и југозападен правец, кој во Крива Паланка надминува брзина од 45 километри на час.

Фото: МИА