Динамиката во работната група за уставните измени треба да ја споделат колегите кои се таму, но она што знам е дека до сега нема тема со која се шири сетот на прашања, кои се разговараат за уставни измени. Што постриктно се држиме до обврските од преговарачката рамка, тоа подобро, изјави денеска заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, одговорајќи на новинарско прашање, по почетокот на информативната кампања за ИПАРД 3 програмата.
Маричиќ смета дека ние имаме доволно елементи и во Уставот и во заклучоците на Собранието за заштита на нашиот јазик и идентитет, и до сега, како што рече, сме покажале на дело дека ги штитиме соодветно.
-Но, претставниците и експертите имаат легитимно право да ги отворат прашањата и да се разговара, па дури и опозицијата која не номинираше претставници за работната група, има легитимно право да ги отвора овие прашања. Ние сме подготвени за дијалог на оваа тема, додаде Маричиќ, во одговор на прашањето за тоа дали со уставните измени се предвидени и некакви дополнителни промени во преамбулата.
Во однос на денешната средба со шведската министерка за ЕУ и Нордиска соработка, Јесика Росвал, Маричиќ потенцираше дека Росвал ја истакнала поддршката, заинтересираноста и вниманието на Шведското претседателство на настаните во Македонија, на реформите и на текот на скринингот, но и на процесот на уставните измени.
-Јас ја информирав дека е започната работата на работната група на уставните измени и дека во наредниот период очекуваме да продолжи и да даде резултати на брз рок. Секако ја замолив, доколку има можност, да разговара со сите политички актери кои што сносат одговорност за овој процес, да заврши успешно годината и да испрати јасна порака на сите актери, а тоа е дека нашите обврски се дефинирани со преговарачката рамка и дека нема ниту време, ниту простор, да се преговара повторно на таа тема, додаде Маричиќ.