Книгата „Вера и суеверие; На клетва лек нема; Мојот пат“ (издание на „Гирланда“ од Скопје) од неуморниот проф. д-р Марко Китевски зборува за старите народни верувања и обичаи, кои биле важен дел од животот на луѓето. Во неа авторот објаснува како настанале многу суеверија и какво значење имале во минатото. Покрај тоа, во книгата има и дел во кој тој раскажува за својот живот и за неговата работа како истражувач на македонската традиција.

Ова дело несомнено е лектирно за секој што сака подобро да ги запознае македонската култура и народното наследство.

„Вера и суеверие; На клетва лек нема; Мојот пат“ е всушност шестиот том од „Одбрани дела“ на овој научник, во кој се обединети три негови труда со различен, но поврзан тематски фокус.

Китевски (1950 година, с. Слатински Чифлик, Охридско) е професор во пензија во Институтот за македонска литература. Во својот богат работен век, меѓу другото, бил и заменик-раководител и раководител на Институтот за македонска литература и раководител на Одделението за македонска народна литература при овој Институт. Бил член на редакцијата, извршен и главен уредник на списанието „Спектар“, во повеќе мандати бил член на Советот за македонски јазик при Министерството за култура, исто така бил член и на повеќе комисии при ова Министерство. Автор е на голем број радио- и ТВ-емисии, активно бил вклучен во организацијата на поголем број научни собири во земјата и странство.

Автор е 70-ина книги и над 400 други труда (студии, статии, рецензии, полемики…) објавени во книги, списанија, зборници од научни собири и други пригодни публикации.

Професор Китевски добитник е на наградите: „13 Ноември“ на Град Скопје (2004), „Ѓорче Петров“ на Општина Ѓорче Петров (2008), на највисоката државна награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања за Република Македонија од областа на науката (2008), на највисоката државна награда за наука „Гоце Делчев“ (2012), на државната награда „Св. Климент Охридски“ (2016) година, како највисоко општествено признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието и образованието, како и на државната награда „11 Октомври“ во 2024 година како највисоко признание за животно дело од јавен интерес во областа на науката.

Која е улогата на суеверијата во животот на обичниот човек денес, особено во контекст на православната духовност?

– Суеверие има и денес, и покрај тоа што постои и закон со кој тоа се санкционира.  На социјалните мрежи, порталите, телевизиите и во други медиуми се рекламираат разни бајачи, гледачи и други помагачи, потоа изработувачи на амајлии и други предмети за заштита, волшебни води…

Бидејќи јавното здравство ни е такво какво што е, во приватните здравствени центри е ужасно скапо, кога човек ќе се најде во безнадежна состојба, посегнува по суеверието, верува секому што ќе му понуди и трошка надеж, иако тоа најчесто завршува трагично. Црквата тука малку може да помогне. Во нашиот образовен систем нема веронаука која младите би ги насочила по вистинскиот пат, а луѓето, кога се во безнадежна ситуација, губат и верба и вера.

Навистина суеверието или празноверието е штетно, но сепак тоа е наше минато и треба да се запишува и проучува. Тоа може да биде од корист не само за фолклористите и етнолозите, туку и за историчарите, социолозите, филозофите, психолозите и други научни дисциплини. Впрочем, не е сè суеверие во обичаите и воопшто во животот на нашиот народ во минатото. Таму има многу битови елементи, создавани во семејната заедница со години, како што се почитувањето на родителите и воопшто на постарите, спремноста на жртва за својот близок, односот кон соседите, соселаните, роднините, односот кон татковината, меѓусебното помагање, осудата на лагата, пијанството, алчноста и други пороци, што се опеани во многу песни и раскажани во многу приказни.

Знаете, црковните обреди се исти кај сите православни народи, фолклорот и обичаите се тие што ги прават различностите. По фолклорот и по обичаите (тука спаѓа и суеверието) ние се разликуваме од другите народи. Во таа смисла фолклорот е најсилното оружје за докажување на националната самобитност. Темите, ликовите, јазикот, топонимите, народната филозофија, борбата за слобода, обичаите, анегдотите и сл. се најсилниот аргумент за одбрана на националното достоинство. Но кај нас првин фолклорот се исфрли од образованието, народната култура се прогласи за нешто надминато и непожелно за модерните времиња и што да очекуваме. Секаде на фолклорот му се посветува посебно внимание, само кај нас тој се смета за нешто надживеано и ретроградно. Не е тајна, нашиот фолклор се цени во светот, се потценува кај нас. Иако имаме богато фолклорно творештво во МАНУ, од основањето нема фолклорист. Секоја чест на поединци, но во целина оваа институција повеќе личи на друштво со неограничена неодговорност отколку на национална научна институција основана за проучување и афирмација на националните  вредности.

Фолклорот многу направил за одржување на оптимизмот на народот, особено во некои тешки времиња во минатото. Нашите песни се поетска историја на нашиот народ. Некогаш тие беа присутни на радиостаниците, беа со задоволство слушани, денес ретко ќе слушнете убава народна песна. Неодамна еден другар од детството, од моето село, се жалеше дека на радиото не можел да слуша народни песни. Вели, порано на радиото слушав една програма што се викаше „Македонија“, таму имаше македонски народни пеасни, ама ми се расипа радиото и сега не ја фаќа таа програма. Се распрашав и разбрав дека не неговото радио, туку предавателот се расипал и неколку години нема кој да го поправи. Таа програма може да се слуша само на интернет, а во селата интернет нема, а и да има, постарите жители не вклучуваат компјутер за да слушаат песни. И сега сакале не сакале ќе слушаат и ќе гледаат „Цеца шоу“,„Звезде гранда“, „Никад није касно“, „Проводаџија“ и други чудни чуда. Ете до каде дојдовме. Дедо ми Темелко велеше: „Колку ќе бидиш и ќе видиш!“

Што мислите, како може младите генерации да ја разберат и ценат православната вера без да бидат збунети или оддалечени од суеверијата?

Едноставно, да ја изучуваат, ако не преку веронаука, тогаш со читање на Светото писмо и друга црковна литература. Објавени се пораките на најзначајните мислители на христијанството, објавени се толкувања на Светото писмо, како и на евангелските текстови. Може да се најде соодветна литература, се разбира, кога се сака. На тој план повеќе треба да направи и нашата света црква преку својата издавачка деност. Да се објавуваат изданија за помладите, а и цените да се подостапни. Додека разни секти бесплатно нудат книги и друга пропагандна литература, книгите што се продаваат во нашите цркви се прилично скапи. Мислам на поголемиот број верници.

Верувате ли во клетви и магии?

На времето кога запишував фолклорни материјали, многумина информатори ми раскажуваа за конкретни случаи кога клетвата или магијата се исполниле. Во записисте на фолклористите и етнографите има многу вакви примери. Исто и во делата на писателите. Земете ја за пример клетвата на праведниот Арсение од песната на Григор Прличев, „Илјада седемстотин шездесет и второ лето“.

„Умилил се честниј патрик, свалил шапка навезана,

Погледнал на сино небо, љуто прок’лнал:

„Ох послушај мили Боже! Аир никога да немат,

Стамче беј и Бујар Лигдо, Нејко Челеби.“

Песната сведочи дека клетвата на патријархот била слушната:

Милостивиј Бог послушал Патричка горешта клетва;

Слава нихна, семе нихно погубил со шум.

И сега во куќи нихни ткае пајак пајачина,

И на пусти стрехи нихни хукат хутове“.

Песната на Прличев се заснова врз охридското предание според кое „пред да си отиде патријархот служел пред целиот народ литургија во црквата „Свети Килемент“ и тамо ги проколнал Нејко Челеби, Стамче Беј, Бујар Лиго и Малечко Беј. Клетвата не отишла во ветар. И четирите куќи се расипале до конец. Потомците им изумреле во сиромаштија. Само од една од тие фамилии останала 60-годишна бабичка, која оди по улиците и е сосема луда. Охриѓани ја сметаат како очевиден признак на клетвата на праведниот Арсенија“.

Ме прашувате дали јас верувам во клетвата. Да, верувам. Верувам дека веќе се проколнати сите оние што направиле некое зло и ако не ги стигне клетвата, ќе ги стигне нивните поколенија зашто таа трае до деветтото колено. Особено клетвата ќе ги стигне оние што работеа и уште работат против интересите на нашата татковина и против достоинството на нашиот народ. Зашто, како што вели Прличев, „Татковината секогаш прекумерно накажува и прекумерно љуби“.

Проколнати се тие што ја ограбија татковината во криминалната приватизација (за таквото богатство народот вели „Арам дојдено, арам појдено“ останато од турското: „Арам ѓељди, арам ѓитти“). Ќе ги стигне клетвата оние што го сменија името на татковината, потписниците на оние срамни и криминални договори, пак уште и протоколи. Клетвата ќе ги стигне и членовите на оние т.н. историски комисии што глумат дека ги бранат, а всушност ги продаваат националниот идентитет и националното достоинство. Извинете, ама има работи за кои не се разговара, а уште помалку се преговара. Впрочем, тие комисии за тоа се измислени, да бидат покровители на предавството. Вистинските предавници со нив да си ги измијат рацете. Како Пилат на времето. Сте се прашале ли дали сите членови во овие историски комисии се историчари, кој ги избрал, на кој конкурс, во која постапка, во која кокуренција, положиле ли заклетва пред некого дека ќе ги бранат државните и националните интереси? Итн. Ќе се објави ли колкави награди земаат и за која работа. Се споменуваат две илјади евра месечен надоместок, за никаква работа, за еден состанок на кој пијат по едно кафе. Можеби и повеќе. Па тие се повеќе платени од царевите. Во една песна се пее: „Това чудо ни у цара било“.

Клетвата ќе ги стигне шарените што ја запалија канцеларијата на претседателот, што го симнуваа, газеа и палеа државното знаме, што фрлаа со бекатон-плочки на својата полиција, што ги поганеа спомениците, што ги напаѓаа институциите што плукаа на името и делото на историските личности, клетвата ќе ги стигне оние што не ја почитуваат химната, туку свиркаат за време на нејзиното исполнување. Клетвата ќе ги стигне и оние што не ја почитуваа волјата на народот искажана на референдумот, што се правеа лидери и визионери, кои одат далеку пред народот и носат тешки одлуки и еве каде нè донесоа нивните одлуки. Клетвата ќе ги стигне оние што дозволија од пандемијата да починат десет илјади лица (барем толку објавија, а којзнае колку беа). И сега сите тие десет илјади се колатерална штета заедно со оние што изгореа во модуларната болница. Клетвата ќе ги стигне оние од проклетото СЈО (но и тие што ги носеа на маиците), онаа обвинителка што се смееше како недугава (наместо да се срами) кога се фалеше како човекот го пикнала во притвор и го заборавила (тоа се нејзини зборови), онаа судијка што го судеше „27 април“, што направи кариера затоа што обичен бунт го осуди како терористичко дело и сега ние сме ретки, ако не и единствени, со политички затвореници во 21 век, оние судии и обвинители што на обвинетите не им дозволуваа да се бранат, оние што со шок-бомби и гумени куршуми го заплашија народот за да може да го променат името на татковината. Клетвата ќе ги стигне сите оние што гласаа за промена на името колку и да се каат сега и да плачат.

Клетвата ќе ги стигне и оние европејски лицемери што ни продаваа памет, како оној идиот што вртеше часовник на плоштад, оној што чувал полна куќа мачки, а ги оставаше гладни и жедни, за да дојде и да нè советува да гласаме на референдумот, другиот идиот Холанѓанец, кој велеше смрди, ама затворете ги очите и носот и голтнете го, оној Австриец со голема торба, што, по референдумот, советуваше да се постапува на балкански начин, оние угледни европејски госпоѓи (од кои во тоа време се тресеше блудницата вавилонска) што дозволија да ги разнесуваат овде како невести за мажење (како во емисиите на една телевизија со наслов „Проводаџија“, односно  „Стројник“), што нè убедуваа дека ако го промениме името, со брз воз ќе сме оделе во нивната Европа, а тие со раширени раце ќе нè пречекале во топла прегратка, оние што го смислија и го спорведуваат проклетиот француски предлог за уништување на Македонија и многу други и многу други што згрешиле кон нашата напатена татковина Македонија „маченица, велика, непобедлива“, како што ја виде италијанскиот офицер Еторе Лоди кога во април 1905 година отиде во Цер да го види и фотографира големиот Христо Узунов со прострелна рана во челото, од која „уште течеше крв“.

Јас не сум политичар, ни правник ни аналитичар. Јас сум истражувач на македонската народна култура, а политичките настани ги гледам како обичен човек. Но, не треба да си правник за да знаеш дека потпишувањето некои договори е незаконско, неуставно. Дека министер не смее да потпишува меѓународен договор, знаат и врапчињата на дрвјата. Се сеќавате на оној изрод што на митинзи викаше на цел глас „Срамота е луѓе, срамота е“, а во својство на министер го потпиша проклетиот преспански договор. Клетвата не ќе го одмине и оној црпнат нобеловец, безрбетник, со свиткан ‘рбет и ѓаволски поглед, кој најпрвин се фалеше дека ќе јаде живи луѓе, а потоа стана знаменосец на предавствата. А зошто државниот обвинител не дал наредба овие луѓе уште следниот ден рано утрото да се повикаат на разговор, само тој знае. Или можеби не знае, можеби затоа е ставен на таа функција. Повозрасните се сеќаваат дека во поранешната држава, која се викаше Југославија, учевме дека никој нема право да потпише капитулација, дури ни другарот Тито. А што се овие договори, што е промената на името ако не капитулација? На сите јазици, живи и мртви, немушти или какви било, ова се вика велепредавство, а се знае како завршуваат предавниците! Се сеќавате на референдумот за независност на Каталонија. Ем беше успешен ем следниот ден рано наутро државниот обвинител издаде налог да се апсат сите организатори на референдумот како антиуставен чин. А што беше потпишувањето на преспанскиот договор?! Тоа што Уставниот суд досега не се изјасни за уставноста на овие договори и протоколи исто така доволно кажува. Сите нив ќе ги стигне клетвата во сета своја жестина.

Политиката многу навлезе во секојдневниот живот. Се обидувам да се заштитам колку што можам. Но, сепак, не можам. Еве неодамна медиумите реагираа на една објава на националниот телевизиски сервис на Србија по повод денот на светите браќа Кирил и Методиј дека тие се „Грци од Солун“, кои ја создале словенската глаголица, и основоложници на словенската книжевност. Медиумите со право емотивно реагираа, но треба исто така да се осудат и творците и потписниците на споменатиот преспански договор, што тоа токму така го дефинира. Со овој договор не само светите Кирил и Методиј туку и Гоце Делчев и Чакаларов, Апостол Петков, заедно со Лазо Поп Трајков и Коте од Руља, кој му ја пресече главата, се Грци. Според тој договор, Грци ќе бидат и тие убиени од напалм-бомбите и оние раселени по светот. Допрва ќе видите! И онаа мајка со децата бегалци што имаа споменик во Паркот на жената борец, што долго време е осквернавен и белки некој ќе се сети да го врати во првобитната состојба. И сега каде се предавниците што го потпишаа тој договор? Сте се запрашеле ли колкумина изроди со задоволство татковината ја именуваат како Северна. Се разбира, сите нив ќе ги стигне клетвата, но денес народот страда и ќе страда и во иднина зашто штетата е направена. Една будала што ќе направи, сто паметни не може да го оправат. Една пословица запишана од М. Цепенков вели: Ако е некој улав, не биди му другар!

Го слушам и оној сегашен лидер на опозицијата. Да гледаш да не веруваш! Ќе ја жртвувал политичката кариера, ќе ја делел одговорноста. Аман бре! Која кариера, која одговорност?! Која одговорност ја поделивте за промената на името, за газење врз достоинството на народот, за штетните договори и за протоколите што сега ни се удираат од глава, за модуларната болница, за седум години распродавање на државните и националните интереси?! Која одговорност ја поделивте што за оние седум години владеење ја вративте државата стотици години назад, што распродадовте сè што можеше да се продаде, како што на панаѓурите продавачите викаа: „Навали, народе, евтино дајем, само да продајем“. Токму така. Ја растуравте државата како најголем душман. А таа држава е наша и ваша татковина. За неа се бореле и гинеле безброј наши претци. Сетете се само на оној Тодор Лазаров за кого пишува Стојан Христов: „Ова не е само писателска фантазија оти разбрав дека еден Македонец, Тодор Лазаров, не знаејќи дека балканските сојузници во 1912 година ја беа тајно поделиле Македонија меѓу себе пред да ѝ објават војна на Турција и верувајќи дека неговата татковина е слободна, се застрелал од радост и умрел“.

(продолжува)