Меѓународни експерти ќе се соберат денеска во Берлин за да разговараат за повоената обнова на Украина на конференција организирана од Европската комисија и Германија, која во моментов претседава со групата Г7.
Меѓу учесниците се очекува да биде и украинскиот премиер Денис Шмихал, откако во понеделникот во Берлин, заедно со германскиот канцелар Олаф Шолц, го отвори германско-украинскиот бизнис форум за обнова на земјата разурната од војната.
„Повоената обнова на Украина ќе биде генерациска мисија која бара стратегија на ниво на Маршалов план“, напишаа Шолц и претседателката Урсула фон дер Лајен во есеј објавен во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ минатата недела.
Како дел од Маршаловиот план, САД ја финансираа реконструкцијата на европските земји по Втората светска војна со милијарди долари помеѓу 1948 и 1952 година.
„Конференцијата во вторник треба да биде светилник на надеж за Украина“, рече Шолц за време на викендот.
„Поентата е дека ние сега испраќаме сигнал на надеж, среде ужасите на војната, дека работите повторно ќе бидат подобри“, рече тој.
Меѓународната експертска конференција за обнова и модернизација на Украина ќе ја отворат Шолц и Фон Дер Лајен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да им се обрати на учесниците со воведен говор, се наведува на веб-страницата на настанот.