Бугарија која со „мека моќ“ и закани во Македонија ја губи битката, за разлика од Романија која со умна политика создава пријатели меѓу граѓаните на Молдавија, коментира Михаел Мартенс, еден од најдобрите познавачи на состојбите во Југоисточна Европа.

Мартенс, како што објави Експрес, со два твита на социјалната мрежа Х поранешен Твитер дава прецизна анализа за пропаста на бугарската надворешна политика во Македонија.

Мартенс, новинарот на Франфуртер Алгемајне Цајтунг смета бугарската политика со своите потези создава анимозитет меѓу Македонците.

Според него, и покрај големиот број медиуми и бугарски платеници во Македонија, поддршката на Македонците за Бугарија е најмала во историјата.

– Додека романската мека моќ во Молдавија расте секоја година, па дури и претседателот на Молдавија поддржува обединување со Романија, меката моќ на Бугарија во Македонија е послаба од кога било досега. Тоа е разликата помеѓу паметна и не толку паметна надворешна политика, вели Мартенс.

Тој не негира дека во Македонија има елементи на антибугарски сентимент, но смета дека тоа е очекувано поради поведението на бугарските окупациони сили од 1941 до 1944 и сегашните чекори на Софија кои не се пријателски кон Македонците.

– Несомнено, во македонските политики постојат елементи на антибугаризам. Но, во Првата светска војна, за време на окупацијата во Втората светска војна (бугарско соучество во холокаустот во Македонија и Тракија) или сега (во многу поинаква форма, се разбира), Софија многу придонесе за успехот на овие наративи, смета Мартенс.

Концептот ,,мека моќ“ (англиски: soft power) е способност на една држава да влијае врз однесувањето и ставот на другите земји преку привлекување, убедување и симпатија, наместо преку присила, закани или економски притисок.

Извор: Експрес