Тренерот на Белгија, Роберто Мартинез, е убеден дека Реал Мадрид направил вистински удар со Еден Азар.

– Тоа е ѕвездено засилување. Има многу играчи со талент да играат во Реал Мадрид, но нема толку многу кои можат да бидат лидери во еден клуб како овој. Еден Азар е личност. Тој има магија, карактер и менталитет на победник, рече шпанскиот тренер на „црвените ѓаволи“.

Според него, Азар е феномен во светскиот фудбал и ќе ја смени иднината на Ла Лига.

– Азар ќе ја смени иднината на шпанскиот фудбал. Тој даде лекција за трпение и вредности. Неговиот сон е да игра за Реал од дете бидејќи му се восхитувал на Зидан како фудбалер. Зидан и Азар сигурно ќе имаат посебен однос, со голема почит, заврши Мартинез.