Во денешниот масакр во Цетиње, како што неофицијално дознаваат српските медиуми, 34-годишниот В.Б. го убил целото семејство. Како што се сомнева, тој потоа излегол на улица и пукал во луѓето, а неколкумина од нив биле ранети.

Според се уште непотврдени информации, во масакрот загинале 11 лица, меѓу кои и деца.

Полицијата го убила напаѓачот В.Б.. Тој наводно спречил брзата помош да им пријде на жртвите пред да биде убиен од полицијата.

Според информациите, тој околу 16 часот пукал со огнено оружје кон своите сограѓани зад зградата на Владата.

Причината за крвавиот масакр е најверојатно семеен конфликт. Полицијата се уште нема официјално соопштение.

Недолго по масакрот во Цетиње, во кој се убиени 11 лица, се огласи и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ.

„Се случи трагедија каква што Црна Гора не памети. Ги повикувам сите граѓани на Црна Гора во мислите да бидат со семејствата на невините жртви, нивните роднини, пријатели и сите граѓани на престолнината Цетиње“, напиша тој на Телеграм.

РТЦГ неофицијално дознава дека Абазовиќ, заедно со министри од Владата, ќе ги посети ранетите кои се хоспитализирани.

Црногорските медиуми јавуваат дека извршителот на денешниот масакр во Цетиње е 34-годишниот Вучко Бориловиќ. Тој си го застрелал целото свое семејство, по што излегол на улица и пукал во случајни минувачи. Полицијата го уби.

Телеграф.рс јавува дека тој пукал од ловачка пушка, при што убил 10 лица. Дел од локалните медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации јавуваат дека меѓу убиените има и четири деца.

Полицијата потврди дека меѓу шестмината повредени е и еден полицаец. Од Ургентниот центар на КЦЦГ за ТВЦГ изјавија дека е примен маж со тешки повреди на главата и градниот кош. Тројца пациенти морале итно да бидат пренесени во операционата сала и повредите iим се доста сериозни.