Во Франција денеска ќе се одржат протести против предлогот за пензиските реформи, но се очекува помал одѕив од граѓаните, бидејќи синдикатите, организатори на собирот, се подготвуваат за големиот протест закажан за 7 март.
Протести денеска ќе се одржат во Париз и во помалите градови, како што е градот Алби во југозападниот дел, кој стана симбол на малите градови со големи собири против најавената пензиска реформа.
По протестите во саботата кои привлекоа 963.000 луѓе ширум Франција, според властите, денеска се очекуваат помал број луѓе.
Според полициски извори, се очекуваат од 450.000 до 650.000 луѓе низ целата земја, а меѓу 40.000 и 70.000 во Париз.
Како и на претходните протести кои започнаа во средината на јануари, во прекин ќе биде и меѓуградскиот и приградскиот железнички сообраќај, како и метрото во Париз.
Парискиот аеродром „Орли“ веќе најави намален авиосообраќај за околу 30 проценти.
За тоа време во Долниот дом на Парламентот продолжи дебатата за пензиските реформи.
Сепак, француската Влада нема апсолутно мнозинство во Парламентот за нејзината реформа да биде усвоена и затоа смета на поддршката на традиционалната десница, но оваа поддршка се уште не е сигурна.
Од друга страна, радикалната левица е најголемиот политички противник на реформата и има подготвено неколку илјади амандмани на предложениот текст на реформата.
Граѓаните и синдикатите се најнезадоволни што со реформата се предлага поместување на старосната граница за пензионирање на 64 години, наместо на 62 години како што беше досега.