Европската унија во наредните недели ќе добие претставнишво во Кабул, но тоа не значи дека Брисел ќе ги признае радикалните талибанци кои дојдоа на власт во Авганистан, изјави Набила Масрали, портпаролка на ЕУ за надворешна политика, на прес-конференција во Европската комисија.
-Работиме на обезбедување минимално присуство на ЕУ во Кабул. Тоа е прашање на недели, а не на месеци. И ова не е знак за признавање, рече таа.
„Сакаме да му помогнеме на авганистанскиот народ на најдобар можен начин“, додаде таа.
По доаѓањето на талибанците на власт, ЕУ ги евакуираше своите претставници од Кабул, вклучувајќи ги и локални претставници и нивните семејства.
ЕУ подоцна соопшти дека има намера делумно да ја отвори службата за да се занимава со практични прашања без да го признае талибанското владеење.
Весникот „Фајненшл тајмс“ во октомври објави, цитирајќи свои сигурни извори, дека канцеларијата на ЕУ би можела да биде отворена во Кабул кон крајот на ноември. ЕУ разговараше со талибанците за можноста приватни компании да ја даваат безбедноста во Авганистан.
Делегација на ЕУ неодамна одржа разговори со талибанските претставници во Катар на кои, меѓу другото, станало збор и за повторното отворање на канцеларијата во Кабул.