Извршниот директор на Голдман Сакс, Дејвид Соломон, тврди дека инфлацијата ќе расте уште некое време, но не очекува повторување на растот на трошоците забележан во 70-те години од минатиот век.

– Постои разумна шанса инфлацијата да се зголеми во одреден временски период, но тоа не значи дека ќе биде како во 1970-те. Треба да се биде внимателен и соодветно да се управува со ризиците, изјави тој во интервју за Си Ен Би Си.

Меѓународниот монетарен фонд минатата недела предупреди на засилување на инфлаторните притисоци, особено во САД и рече дека американските централни банкари треба повеќе да се фокусираат на инфлаторните ризици.

Соломон укажа на „неизвесноста“ на глобалните финансиски пазари поради факторите кои ја вклучуваат Омикрон варијантата на коронавирус и на информациите за темпото со кое ФЕД и другите централни банки ќе го намалат купувањето средства.

– Се уште не сме излезени целосно од пандемијата. Ова создава несигурност и оваа неизвесност ќе влијае на економската активност. Покрај тоа, имаме промени во фискалната и монетарната политика за да се обидеме да го балансираме ова. Нема сомнеж дека овој период е без преседан и е многу тешко да се предвиди како ќе излеземе од сето ова, додаде Соломон.