Нема да биде добро како што вели власта, туку ќе биде уште полошо. На непочната грејна сезона се прогласи криза, државата навистина е во криза бидејќи енергетската ситуација е катастрофа, и тоа е од неработење и не знаење, изјави за „Што не е јасно“ на Алфа, поранешниот директор на РЕК Битола производство Спиро Мавровски.
Тој додава дека тоа што велат сега дека не можеле да ископаат јаглен требаше да го кажат во мај за да може да се побара помош, да се направи анализа за граѓаните да се чувствуваат безбедно оваа зима.
– Сега е веќе ноември, утре може да фати минус 40 степени и што правиме тогаш. Кој ќе копа, кој ќе носи и како со еден блок во РЕК кој не е сервисиран ќе се прави ремонт? – прашува Мавровски
За кризната состојба и можни рестрикции, како и погрешениот член во законот тој вели дека проблемот е во една работа да се поделат парите 100 милиони евра за ЕЛЕМ и МЕПСО, да се покријат досегашните проблеми и да се види што понатаму.
– Сега велат за граѓаните да се безбедни ќе овозможиме што треба, ама тоа ќе биде за еден месец. После еден месец пак криза и пак кризни мерки, а колку пари ќе има во буџетот за тоа, додаде Мавровски.
Пострашно не може да биде од тоа трите блока на РЕК Битола да не работат како што е сега. Ова претходно беше незамисливо, особено на почеток на грејна сезона кога работеа трите блока. Сега имаме ситуација само едниот да се вклучува во игра и не се знае до кога, вели Мавровски, додвајаќи дека за вакво нешто, порано се одело директно в затвор.
Според него претходните 30-35 години не се случила ваква ситуација електрична енергија речиси да нема и потенцира дека во овие моменти некој треба да понесе одговорност.
– За ова што се случува во РЕК Битола, треба да се понесе одговорност, генералниот директор е повикуван 10 пати од мене со дописи и досега не добив одговор. Ништо не може да се скрие, се што се кажуваше исплива на виделина, јас укажував уште од декември минатата година. Во сите укажувања РЕК Битола работеше со еден блок и тоа во зимски период. Се што имам кажано еве го пред нас. Дека цената на електричната енергија ќе оди нагоре, дека ќе нема јаглен, а без јаглен се друго е илузија, нагласи Мавровски.
Тој вели дека сега во моментов во основа немаме ништо, и прашува како може да се лаже народот дека ќе се вклучат сите останати капацитети освен РЕК Битола бидејќи сите останати се само 15%.
-Во Осломеј уште се спрема и ќе работи, јаглен нема ама велат ќе почне, вештачките езера немаат капка вода, ветерниците зависат дали ќе има ветер, рече Мавровски.