Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе не се откажува од првото место во групата во Лигата на шампионите и покрај „киксот“ со Њукасл во 5. коло.
Парижаните синоќа на домашен терен одиграа 1:1 спасувајќи се од пораз со пенал во осмата минута од судиското надополнување.
– Резултатот е тешко да се прифати, имавме толку многу шанси за гол. Во фудбалот може да се биде подобар, но не и да се победи. Така се случи вечерва. Во Дортмунд треба да победиме бидејќи сакаме да го заземеме првото место во групата. Мојата работа е да постигнувам голови и да им помагам на моите момци. Сепак, можев повеќе да му помогнам на мојот тим бидејќи имав многу шанси. Во Лигата на шампионите треба да постигнете гол кога имате можност. Имавме 9-10 шанси, но не ги реализиравме, за на крај да се спасиме со пенал, изјави Мбапе за „TNT Sports“.
На едно коло пред крајот во Ф-групата, Борусија Дортмунд е лидер со 10 бода, ПСЖ има седум, Њукасл и Милан собраа по пет бода.
Фото: ЕПА