Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев изјави дека САД, НАТО и ЕУ не сакаат целосно да ги прекинат односите со Русија, па се обидуваат да го поттикнат Киев за преговори, пренесува агенцијата Срна.
– САД, НАТО и ЕУ не сакаат целосно да ги прекинат врските со Русија. Оттука, чести се обидите да се поттикне Киев да преговара, напиша Медведев на Телеграм, пренесува РИА Новости.
Зборувајќи за украинскиот претседател Володимир Зеленски, Медведев рече дека не сака да преговара од себични причини, пренесува Н1.
– Преговорите се многу опасни за него, бидејќи тој исклучително се плаши од украинските националисти, смета Медведев.
Тој додаде дека на сите им е доста од режимот во Киев, особено, како што вели, од Зеленски, кој постојано ги разгорува страстите и изнудува повеќе пари и оружје.
Медведев додава дека НАТО и ЕУ не сакаат конечен раскин со Русија и оттука обиди да го турнат Киев кон преговори.
Дополнително, наведува Медведев, кога станува збор за ракетниот инцидент во Полска, „неуспешните обиди нападот да и се припише на Русија не беа прифатени од никого, дури ни од најзакоравените русофоби – Полјаците“.
Зеленски претходно изјави дека Русија не се стреми кон мир, туку сака да обезбеди краткорочен одмор од непријателствата, пренесе Денес.