Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, денеска изјави дека Москва не е загрижена за заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе високи царини за руските стоки доколку не се постигне договор со Украина во следните 50 дена.
„Трамп му постави театрален ултиматум на Кремљ. Светот трепереше во очекување на последиците. Воинствената Европа е разочарана. На Русија не ѝ е гајле“, напиша тој на социјалната мрежа X.
Трамп рече дека САД ќе воведат 100-процентни царини за руски стоки и секундарни санкции за Русија и нејзините трговски партнери доколку Москва и Киев не постигнат договор за решавање на вооружениот конфликт во рок од околу 50 дена.
Во интервју за Би-Би-Си, Трамп рече дека е разочаран од рускиот лидер Владимир Путин, но дека „сè уште не завршил со него“.
Според него, договорот за решавање на украинскиот конфликт бил близу до потпишување четири пати, но и дека не му верува на речиси никого во светската политика, вклучително и на Путин.
фото: Х