Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, изврши увид во градежните активности за реализација на еден од најзначајните проекти за ревитализација на Старата скопска чаршија.
Работите влегоа во првата фаза, која опфаќа изградба на нова водоводна и канализациска мрежа. Во следните фази ќе следуваат реставрација на калдрмата, поставување ново осветлување во традиционален стил и уредување на јавниот простор, со цел модернизација на инфраструктурата, притоа зачувувајќи го историскиот и архитектонскиот идентитет на Чаршијата.
„Со инвестиција од над 28 милиони денари, на Старата чаршија ѝ ги враќаме функционалноста, современиот стандард и достоинството што го заслужува. Ја модернизираме инфраструктурата, а истовремено го зачувуваме нејзиниот идентитет и историски карактер, кои ја прават Чаршијата еден од највредните простори на Скопје,“ изјави Меџити.
Проектот има за цел подобрување на инфраструктурата и јавниот простор, со зачувување на автентичноста на Старата скопска чаршија како еден од најзначајните историски, културни и економски центри на Скопје.




