Меѓународниот фестивал „Книжевен круг“, во организација на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност „Инаку” – Скопје, ќе почне денеска и ќе трае до 4 јуни.
Фестивалот ќе почне со читање хаику поезија на повеќе од 10 автори во гимназијата „Никола Карев” во Скопје, при што ќе биде врачена и наградата „Хаикин“ на писателот Александар Прокопиев – за посебен придонес на планот на Хаику творештвото.
Свеченото отворање на Меѓународниот фестивал „Книжевен круг” ќе се случи на 21 мај во 19 часот во Културниот центар „Феникс” кај Универзална сала со „Вечерта на чајот“ и читањето класична кинеска поезија. Потоа ќе биде врачена наградата „Отворен круг” на писателот Трајче Кацаров – за иновации и експерименти во книжевноста и наградата „Премостувања” на писателот Томислав Османли – за афирмација и презентација на македонското литературно творештво во странство. А, вечерта ќе заврши со средбата и претставувањето на наградените автори.
Следниот ден, исто така во Културниот центар „Феникс” во 19 часот, ќе бидат врачени наградите „Литературни координати” на писателот Иван Војиновиќ од (Црна Гора) – за соработка и доближување на литературите и наградата “Македонски корени” на писателот Владо Јаневски (Австралија) – за неговото литературно и ликовно творештво, а ќе настапат и повеќе писатели кои создаваат во земјава и странство.
Меѓународниот фестивал „Книжевен круг ќе заврши на 4 јуни во Општината Кисела Вода со претставувањето на автори и илустратори на книги за деца и млади и доделувањето на наградата „Големиот Принц” на писателот Горјан Петревски – за дострелите во литературата за деца и млади, а ќе бидат презентирани и литературни и ликовни творби од ученици на тема “Културно наследство”.
На Меѓународниот фестивал „Книжевен круг” се очекува да настапат повеќе од педесет македонски и странски автори.
Фото: „Феникс“