Се уште сме во фаза на широка трансмисија на вирусот и рано е за укинување на ковид-сертификатите, смета Комисијата за заразни болести. Предлага продолжување на сертификатот по прележана болест од сегашните 45 на 180 дена. Вакцинацијата останува најдобра заштита од КОВИД-19, особено од хоспитализација и смрт. Засега не се размислува за задолжителна вакцинација, туку како таа да се поттикне.
Според анализата на Институтот за јавно здравје на сите случаи на хоспитализации и смрт од КОВИД-19 во периодот од 1 до 31 јануари 2022 година, само шест лица кои примиле трета доза завршиле со смртен исход. Сите смртни случаи кои биле контастирани имале коморбидитети, како што се дијабетес, карцином, кардиоваскуларни заболувања и обезност.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски вчера на прес-конференција информираше дека трите дози вакцина против КОВИД-19 во моментот даваат гаранција од над 95 проценти заштита од смрт.
Петличковски потенцира дека и во светот заокружен циклус на вакцинација веќе се однесува точно или на три дози или некаде има комбинации прележаност по две дози.
– Поентата е дека трите дози во моментот се тие кои даваат гаранција над 95 проценти за заштита од смрт и повторно тука има еден мал процент можност и човек вакциниран со три дози да заврши лошо, но шансите тоа да се случи се многу мали, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести.
Посочи дека анализата на хоспитализирани и починати има за цел да одговори зошто имавме релативно висока стапка на смртност, а како проблем кој го лоцирале е слабата застапеност на третата доза.
– Втор проблем, односно втора дискусија која ја отворивме е шифрирањето на починатите од КОВИД и тука се обврзавме во следнава недела да имаме еден работен состанок со Заводот за статистика, со Институт за епидемиологија кои го изготвуваат овој шифрарник, за да направиме абдејт, бидејќи изгледа дека шифрирањето се води по методологија која е од почетокот на пандемијата, така што веројатно има тука некој развој и размислуваме да го освежиме начинот на шифрирање, односно на класифицирање на болеста, додаде д-р Петличковски.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ на прес-конференцијата посочи дека не се размислува за задолжителна вакцинација, туку Комисијата разговарала како е можно да се поттикне вакцинацијата, со цел создавање колективен имунитет.
– Се размислува во насока на тоа да има и централизирана кампања за да може да имаме малку поорганизиран пристап до начинот со којшто допираме до граѓаните, за да им објасниме кој е бенефитот од вакцинацијата. Од друга страна, се размислува и за такви групи односно за оние што ни се најпроблематични. Пред се, тука треба да ги споменеме оние кои имаат сериозни коморбидитети, заболувања коишто ја влошуваат ситуацијата кога ќе имате КОВИД-19 пропратен како на еден од ризик-факторите којшто може да даде тешка клиничка форма на болеста или којшто може да даде смртен исход. Тие таргет групи сега се сериозно во фокусот, вели Мехмедовиќ.
Тој додаде дека се разработува брза стратегија која што ќе даде сериозен акцент на вакцинација за да се подигне колективниот имунитет.
Останува препораката за носење заштитна маска во училиштата. Комисијата за заразни болести досега не добила барање од родители децата на училиште да не носат маски и за тоа не е разговарано.
– Меѓутоа, ставот на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола на болести е дека во затворени простории, меѓу кои и училиштата, треба да се носат маски од шестгодишна возраст па нагоре. Така што, согласно препораките на СЗО и врз основа на протоколите за посетување на настава со физичко присуство, секое дете треба да носи маска, изјави Мехмедовиќ.
Најави дека ќе се менува методологијата и динамиката за скрининг на училиштата. Ќе има помал број на тестови кои ќе покажат каква е актуелната состојба меѓу популацијата од шест до 18 години. Ќе се применува стратегијата „тестирајте за да останете во училиште“ која предвидува изложените ученици во одделенијата каде имало позитивен случај да можат да се тестираат со цел да се овозможи останување во процесот на настава со физичко присуство доколку се утврди дека направеиот тест е негативен.
Според неделниот извештај на ИЈЗ, во периодот од 31 јануари до 6 февруари биле регистрирани сe 9.982 нови позитивни случаи на КОВИД-19, што е за 16,2 отсто помалку од претходната седмица. Процентот на позитивност се движел од 22,5 до 35,6 отсто, просечно 29,5 отсто. За 0,7 проценти е намален и бројот на починати и нивниот број изнесува 147. Согласно новиот алгоритам, во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 11.122 лица. Активни се 12.072 случаи на КОВИД-19.
Од почетокот на пандемијата досега во земјава се направени вкупно 1.826.611 тестирања. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани изнесува 280.594, оздравеле 259.898, а починале 8.624 лица.