Американскиот претседател Доналд Трамп се повлекол од иранскиот нуклеарен договор поради „дипломатски вандализам“, со цел да му пркоси на својот претходник Барак Обама.
Ова го напишал поранешниот британски амбасадор во Вашингтон, Ким Дерок во новооткриениот шокантен допис до Даунинг стрит, пишува „Мејл он сандеј“.
Дерок наведува дека американскиот претседател се повлекол од нуклеарниот договор „од лични причини“, потенцирајќи дека имало поделби меѓу неговите најблиски соработници.
Минатата недела „Мејл он сандеј“ објави документи во кои Дерок ја опишува администрацијата на Трамп како „неспособна“ и „дисфункционална“, што предизвика дипломатски спор меѓу Лондон и Вашингтон, по што британскиот амбасадор поднесе оставка.
Британските надлежни органи започнаа истрага за пронаоѓање на лицето одговорно за протекување на документите. Според пишувањето на „Сандеј тајмс“, кој се повикува на неименувани владини извори, осомничениот е веќе идентификуван и претпоставките дека протекувањето на документите би можело да биде резултат на хакерски напад од странство се исклучени.
Шефот на антитерористичката полиција вчера ги предупреди медиумите да не ги објавуваат овие документи, бидејќи би можело да претставува кршење на Законот за државна тајна.