Мексиканската Влада денеска објави мерки за заштита на новинарка и телевизиска куќа, на кои вооружена група преку видео снимка им се закани, тврдејќи за себе дека е еден од најмоќните наркокартели.
– Владата ќе преземе соодветни мерки за заштита на новинарите и медиумите кои се под закана. Демократските слободи треба да се гарантираат, како и правото на информации, изјави Хесус Рамирес, портпарол на претседателот Андрес Мануел Лопес Обрадор.
Во видеото пренесено на социјалните мрежи, човек кој се претстави како Рубен Осегера, водач на картелот Халиско – Нова генерација, една од најмоќните организации за трговија со дрога во Мексико, упати закани до ТВ Миленио и водителката Асусена Урести.
Опкружен со неколку мажи со качулки опремени со моќно оружје, тој побара рамноправно известувањето за конфликтот со другите групи во западната држава Мичоакан.
Новинарката не даде изјава, но организациите за слобода на медиумите го осудија инцидентот и побараа заштита од власта.
Мексико е една од најопасните земји за новинарите, каде од 2000 година досега се убиени повеќе од 100 новинари, покажуваат податоците на Комисијата за човекови права.
Тројца новинари се убиени оваа година. Последниот Рикардо Лопес, кој зборуваше за заканите во државата Сонора, беше убиен на 22 јули.