САД се загрижени за ситуацијата во Авганистан, но локалните безбедносни сили се во состојба сами да се справат со актуелната офанзива на талибанците, изјави на брифинг портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.

-Тие имаат модерна авијација. Имаат многу предности што талибанците ги немаат. Ние сме длабоко загрижени за ситуацијата во Авганистан, но ова е нивна земја, нивни градови, нивни луѓе, изјави Кирби за Би-Би-Си.

Вашингтон, според портпаролот на Пентагон, продолжува да ги поддржува авганистанските власти, вклучувајќи и со напади од воздух врз позициите на милитантите.

Американскиот специјален претставник за Авганистан, Залмај Калилзад, од синоќа е во Доха каде неделава треба да оддржи три рунди разговори со талибанците на кои треба да ги повика да ја прекинат офанзивата.