Лидерот на радикалната левица во Франција, Жан-Лик Меланшон денеска изјави дека можеби „треба да се запрашаме“ дали сè поголемата руска закана во Европа е поврзана со „нападите со голем дострел што Украина ги врши“ на руска територија.
Меланшон, кој е и претседателски кандидат на својата радикално левичарска партија „Непокорена Франција“ (ЛФИ), рече дека како на никој да не му е гајле зошто заканата од Русија изгледа многу поголема, пренесе парискиот весник Монд.
– Се чини дека никој не се грижи зошто заканата од Русија денес изгледа дека е поголема отколку што беше пред извесно време – рече Меланшон.
– Со тоа не сакам да ја оправдам Русија, бидејќи штом човекот ќе изговори зборови на здрав разум и разумност, веднаш е обвинет дека ја напушта борбата. Но сепак, кој би можел да замисли земја која дозволува да ѝ биде нападнат главниот град, а да не одговори на таквата ситуација? Тоа едноставно не се случува. Дури и ако Русија е таа што врши инвазија врз Украина – додаде Меланшон.
Членовите на неговата партија честопати се обвинувани дека се премногу попустливи кон рускиот претседател Владимир Путин, што тие одлучно го негираат.
– Сметаме дека ризикот расте, но и понатаму не постои друг пат освен дипломатијата и дијалогот – рече Меланшон.
ЛФИ повикува на одржување претседателски избори во Украина, истакнувајќи дека мандатот на Володимир Зеленски првично требаше да заврши во 2024 година.
Меѓутоа, гласањето не може да се организира за време на вонредна состојба, која е во сила од почетокот на руската инвазија на 24 февруари 2022 година.
По средбата со лидерите на партиите и претседателските кандидати во Елисејската палата на која се разгледуваше ситуацијата во светот, претседателот на Франција, Емануел Макрон предупреди дека „природата на руската агресија и заканите во Европа се менуваат“.
Украинските власти своите напади, кои првенствено се насочени кон руските рафинерии, ги оправдуваат со потребата Кремљ да се лиши од важниот извор на финансирање на војната и да се наруши логистиката на армијата што ги напаѓа.
Фото: Архива




