Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека односите со Соединетите Американски Држави треба да се вратат во нормала по јавната расправија со американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела.

– Немам намера дополнително да ја разгорувам оваа расправија – изјави Мелони во интервју.

Во петокот Мелони го обвини својот некогашен близок сојузник Трамп дека измислил приказна за неа, откако американскиот претседател за италијанска телевизија изјави дека таа го „молела“ да се фотографира со неа за време на неодамнешниот самит на Г-7 во Франција.

Мелони тогаш возврати дека „ниту таа, ниту Италија никогаш не молат“.

Таа нагласи дека билатералната соработка меѓу Италија и САД мора да се врати во нормални рамки.

-Тоа го кажав и вчера на седницата на Владата, имајќи ги предвид претстојните средби – рече италијанската премиерка.

Мелони оцени дека не постои ризик од негативни последици врз односите меѓу Италија и САД и дека врските меѓу двете држави остануваат добри.

-Тие нема повторно да бидат преиспитувани поради една расправа на социјалните мрежи – изјави таа.

Спорот меѓу Трамп и италијанскиот државен врв дополнително се заостри откако шефот на италијанската дипломатија, Антонио Тајани, соопшти дека поради навредливите изјави на американскиот претседател го откажува планираното патување во САД. (МИА)