Германската канцеларка Ангела Меркел на синоќешната средба со францускиот претседател направила последен обид да го убеди Емануел Макрон да дозволи почеток на преговори.
Тв Канал 5 објави дека Франција засега јавно не го открива ставот, но според документите до кои имал пристап Блумберг, Париз е против било каков датум за формални преговори со Албанија и Македонија, пред ЕУ да го заврши ремонтот на својата „методологија“.
Со меморандумот што на 10 октомври го проследиле француски дипломати до другите влади на ЕУ, Париз сака понатамошните разговори да бидат „постепени, поконкретни во придобивките што им ги носат на засегнатите земји и да бидат реверзибилни според ефективното, опипливо и одржливо спроведување на реформите“.
Најновиот нацрт на одлуката, пак, со датум на 11 октомври, кој Блумберг го видел, дава зелено светло официјалните преговори за пристапување да почнат во првата половина на следната година, но според дипломат цитиран од Блумберг, „никој не е среќен“ со текстот.
Амбасадорите на ЕУ денеска ќе се потрудат да посредуваат за компромис пред утрешниот состанок на министрите.