Изјавите на поранешниот претседател, Стево Пендаровски, дадени во емисијата „360 степени“, отвораат едно од најсериозните политички и институционални прашања во поновата македонска историја.

Не станува збор за дневнополитичка полемика, туку за сведоштво на поранешен шеф на државата за начинот на кој биле носени одлуки што директно влијаеле врз правниот поредок, функционирањето на институциите и довербата на граѓаните во државата.

Граѓаните имаа можност да слушнат признание дека во највисоките државни кругови се разговарало за прашања кои треба да бидат исклучиво во доменот на независните институции и владеењето на правото, прашања врзано за можни амнестии, за враќање на лица осудени или обвинети за тешки кривични дела и за измени на Кривичниот законик кои подоцна суштински го променија системот на кривична одговорност.

Оттука прашуваме:

-Дали во изминатиот период државните интереси биле потчинети на политички договори помеѓу СДСМ и ДУИ?

-Дали измените на Кривичниот законик биле дел од однапред договорен политички план на СДСМ и ДУИ за заштита на поединци од кривична одговорност, по барање на Никола Груевски?

-Дали сето тоа е нотирано на фамозното УСБ стикче кое патувало на релација Будимпешта-Скопје?

-Дали правдата се креирала во политички кабинети наместо во судници и институции?

-И дали најважните правосудни процеси во државата биле предмет на политичко договарање наместо на законска постапка?

Особено загрижува фактот што овие информации не доаѓаат од политички противници, туку од човек кој бил претседател на државата и непосреден сведок на тие разговори.

Тоа ја прави оваа тема прашање од највисок јавен и државен интерес.

Движењето ЗНАМ смета дека Македонија не може да гради европска иднина доколку останат неодговорени сомнежите дека во минатото политички центри на моќ одлучувале кој ќе одговара пред законот, а кој ќе биде заштитен од одговорност.

Затоа бараме:

-Целосно и транспарентно објавување на сите факти и информации поврзани со овие средби и разговори;

-Надлежните институции да ги разгледаат сите наводи и да утврдат дали постојат елементи за политичка, институционална или кривична одговорност;

-СДСМ и ДУИ јавно да одговорат дали и во кој обем учествувале во политички договори поврзани со измени на Кривичниот законик и прашања од областа на правосудството;

-Обвинителството и другите надлежни органи да утврдат дали постоеле координирани активности кои влијаеле врз владеењето на правото и независноста на институциите.

Македонија мора конечно да стави крај на практиката политичките договори да бидат над законите, а партиските интереси над државните.

Довербата во институциите може да се врати само преку вистината, одговорноста и еднаквоста пред законот.

Движењето ЗНАМ ќе продолжи доследно да се бори за држава во која правдата нема да биде предмет на политички пазар, туку темелна вредност врз која се гради стабилна, демократска и европска Македонија.

Портпаролот Мемов беше запрашан дали се очекува министерот за правда Филков, кој е од редовите на ЗНАМ, да биде опфатен со најавената реконструкција на Владата.

Мемов рече дека во континуитет го одговараат ова прашање кое е од интерес за јавноста.

„Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија пред две години принципиелно влезе во преговори со ВМРО – ДПМНЕ и врз основа на тие принципи и Програмската платформа на ЗНАМ, која е составен дел на владината програма, постигна договор за влез на ЗНАМ во Владата на Република Македонија.

Оттука присуството на ЗНАМ во Владата не зависи од персоналниот состав на луѓето кои се претставнци во извршната власт.

За ЗНАМ битно е завршувањето и имплементацијата на државните програми, односно програмата на Владата.

Органите и телата на ЗНАМ направија евалуација на работата на сите јавни функционери и генерално ние сме задоволни од нивниот учинок во делот на спроведувањето на владината програма. Мерит системот покажа дека ниту еден функционер не отстапува од програмските определби на владата и се држи до имплементација на тие програмски определби во перманентна координација со Премиерот. Не очекувам никакви измени во делот на ресорите“, појасни Мемов.

На прашањето дали кај ЗНАМ има амбиции за нов ресор во претстојните преговори, портпаролот Мемов одговори:

„Консултации се вршат на дневна основа на лидерско ниво, помеѓу нашиот претседател господинот Максим Димитриевски и премиерот Христијан Мицковски, размена на аргументи, евалуација и анализа на работата на јавните функционери во Владата.

Официјално преговорите сеуште не се почнати. Преговарачките тимови на двете партии веројатно кон средината на овој месец ќе ги разменат аргументите за претстојната реконструкција.

Што се однесува до измена на ресори, ставот на ЗНАМ е конзистентен дека во преговорите во ВМРО се договаравме за трајна соработка за целиот мандат од четири години. Други ресори ЗНАМ нема да бара.

Од портпаролот на ЗНАМ, Мемов беше побарано да даде коментар околу различниот став на претставниците на ЕУ за напредокот на Македонија во реализирањето на реформската агенда, Кошта не фали, Вајс не критикува.

„Ние како политички претставници во Македонија не сме надлежни да ја коментираме контрадикторноста на претставниците на Европската комисија. Она што можеме да го коментираме е следното: Претседателот на Европскиот совет, господин Кошта беше во Скопје и јасно кажа дека има значителен прогрес во имплементацијата на реформската агенда, посебно во ресорите јавна администрација и правда, што ги водат министри од ЗНАМ. Значителен прогрес, тоа се неговите зборови.

Што се однесува до Извештајот на известителот за Македонија, Вајс, нема да го коментираме парцијално извадени новинарски исечоци.

ЗНАМ е сериозна политичка партија која ќе коментира официјален Извештај од Европската комисија кога тој официјално ќе биде предаден во Македонија-  нагласи портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов на денешната прес – конференција.

Центар за комуникации и аналитика на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија