Ковид пандемијата ја истакна важноста на менталното здравје особено кај адолесцентите, а социјалната дистанца и недоволната информираност помеѓу институциите како пречки при решавање на проблемот со психичкото здравје кај младите.
Ова беше споделено на денешната панел дискусија на која беше презентиран документот кој содржи мерки и предложени пристапи за донесителите на одлуки кои го засегаат менталното здравје на младите, врз претходно споделени ставови од страна на младите, професорите, наставниците, родителите и психолозите.
Содржината на документот има за цел да ги спои јавните институции и граѓанскиот сектор во развивање различни системи и програми кои ќе бидат посветени на менталната благосостојба на младите. Документот е изработен од психологот Јасмина Михајлоска, во рамки на проектот „Ментално здравје – сега е моментот“ што го спроведува Здружението на граѓани „Младите можат“ во партнерство со Y-peer Македонија, како дел од Еразмус плус програмата поддржана од Европската Унија.
Михајловска појасни дека пандемијата особено ја истакнала важноста од менталното здравје кај младата популација.
-Според најновите проценки, во нашата земја околу петтина од населението се млади. Пандемијата дополнително влијаше на потенцирање на одредени проблеми кои ги имаат младите од аспект на нивната ментална благосостојба. Од друга страна се тргнаа од училиште и учителите го изгубија оној многу важен контакт со младите и ги изгубија сликите за тоа како се чувствуваат учениците во дадени моменти. Тоа влијае кај младите на зголемување на анксиозност до пореметување на биоритамот, но и попуштање во школскиот успех, потоа агресивно однесување кое е доста видливо, изјави Михајлоска.
Оцени дека од големо значење е подлабокото системско навлегување при справувањето со оваа проблематика.
-Во подготовката на овој документ беше значајно тоа што не постојат официјални статистики во земјата ниту за процент на млади кои користат психолошки услуги, дури ни здравствените установи немаат офцијални бројки колку млади користат психијатарски услуги, колку млади имаат некакви проблеми, постои еден мрак во однос на таа информираност, немаме слика за тоа каква е состојбата, потенцира Михајловска.
Според неа, треба да се подобри комуникацијата помеѓу институциите, и околината да научи да ги препознае негативните појави кај адолесцентите.
-Околината треба да знае како да го препознае и отако ќе го препознае да знае како да изреагира. Оттука сметам дека е многу важна обуката на наставниците социјалните работници и матичните доктори, заклучи Михајлоска.
На панел дискусијата беше истакнато дека според одредени анализи, младите најчесто психологот во училиштето го гледаат како казнена мерка, додека мал е процентот на ученици кои своеволно се одлучуваат на разговор со стручното лице.
На настанот присуствуваше и директорот на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски, рече дека овој проект овозможува поголема вклученост на младите и институците.
-Она што сите сме свесни еве и денеска со овие маски што ги носиме во ова време на пандемија само уште повеќе можеби ја издигна оваа тема да ја разговаараме. Некои за волја на вистината можат да разговарааат меѓутоа кај некои луѓе остави големи негативни последици, меѓутоа кај оние кои беа свесни овој период се издигна едно прашање што е е тоа што го правиме за нашата состојба и што е она што го правиме за да сме среќни, што е она што како луѓе навистина се грижиме за нашето здравје, а особено во овој период, потенцира Ѓоргиевски.
Информира дека во иднина ќе има поголема иницијатива за настани односно семинари со цел ваквите проблематики да бидат истакнати, а младите преку идеи да придонесат во нивно решавање.