Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска повика веднаш да започнат преговори за завршување на војната во Украина, оценувајќи дека дошло време да „запре убивањето“.

Говорејќи на конференцијата посветена на обновата на Украина во полскиот град Гдањск, Мерц изјави дека Европа и трансатлантскиот сојуз се подготвени дополнително да го зголемат притисокот врз ослабената руска економија.

– Русија нема да ја добие оваа војна – рече Мерц.

– Дојде време да почнат преговорите, да се замрзне линијата на фронтот и да се стави крај на убивањето – додаде германскиот канцелар.

Тој нагласи дека поддршката за Украина, која повеќе од четири години се брани од целосна руска инвазија, останува „непоколеблива обврска“ за Германија.

Претходните преговори за ставање крај на конфликтот, предводени од САД, не донесоа конкретен резултат.

Водечките европски држави сега бараат начин повторно да ги активираат мировните разговори без притоа да бидат ставени настрана.

Сепак, Москва повеќепати соопшти дека не сака да преговара со европските земји и продолжува да инсистира на своите максималистички барања, вклучително и на значителни територијални отстапки, кои Украина доследно ги отфрла.

Конференцијата за обнова на Украина ја организираат полскиот премиер Доналд Туск и неговата украинска колешка Јулија Свириденко.

На собирот учествуваат и Европската Унија, Групата седум најразвиени индустриски земји (Г7), Светската банка, како и бројни претставници на компании.

фото: Архива