Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел повторно предупредува дека руските „закани“ кон Украина не треба да се третираат како блеф, пишува германскиот ТВ канал NTV.
Почетокот на воената операција во Украина беше „длабока пресвртница“, изјави Меркел за германските медиуми на церемонијата по повод 77-годишнината на весникот Зидојче цајтунг.
Поранешната канцеларка високо ја вреднуваше позицијата на Германија, ЕУ и НАТО во „заштитата и обновувањето на суверенитетот и интегритетот на Украина”.
Таа повторно нагласи дека траен и стабилен мир во Европа може да се постигне „само со учество на Русија“. Според зборовите на поранешната германска канцеларка, „додека ова навистина не го постигнеме, нема да заврши ниту Студената војна“.
Меркел и во својот говор на свеченото отворање на фондацијата Хелмут Кол нагласи дека тоа експлицитно се однесува и на нуклеарните закани на Путин.
-Сфатете ги зборовите сериозно. Немојте веднаш да ги отфрлате како блеф, туку сериозно да се соочите со нив. Тоа не е знак на слабост, туку доказ за политичко паметно дејствување, нагласи Меркел.