Германија и Израел се согласуваат дека на Иран никогаш не смее да му се дозволи да се стекне со нуклеарно оружје, но двете земји имаат различен став за начините како да се постигне таа цел, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

– Уверени сме и силно го споделуваме ставот на Израел дека треба да се стори се за да се спречи Иран да стекне нуклеарно оружје. Она за што не сме целосно согласни е патот до остварувањето на таа цел. изјави Меркел во Ерусалим, каде денеска се одржа заедничка седница на владите на Германија и Израел.

На заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Меркел нагласи дека смета оти иранското воено присуство во Сирија и Либан претставува закана за Израел.

Меркел претходно го посети Меморијалниот центар и музеј на жртвите на Холокаустот „Јад Вишем“, каде во Книгата на впечатоци напиша дека „Евреите во Германија биле изложени на омраза и насилство за кои светот не ни знаел дека се можни“.

Денешната средба беше седма заедничка седница на владите на Гермнаија и Израел, традиција што започна пред 10 години