Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека Брегзит е неизвесен и оти Европска Унија ќе се обиде „да реагира“ на секој предлог на премиерката на Велика Британија, Тереза Меј што ќе го изнесе на самитот на Унијата.
– Ние внимателно ќе ја следиме реакцијата на британската Влада на тоа што вчера беше кажано во Парламентот и тогаш ќе се посветиме на ситуацијата, посочи Меркел.
Таа додаде дека не може да процени што ќе се случи на самитот на ЕУ в четврток и оти многу тоа е неизвесно.
Најверојатно британската Влада ќе бара од ЕУ продолжување на рокот за излегување, што е закажан на 29 март, откако претседателот на Долниот дом на Парламентот одлучи дека Владата не може да бара од пратениците повторно да гласаат за договор што веќе двапати го одбија.
Се претпоставува дека Меј четврток ќе побара продолжување на преговорите за Брегзит за уште две години. Исходот на тие разговори ќе зависи од тоа дали британскиот Парламент ќе го одобри планот на Меј, како и условите поставени од ЕУ.
Секое пролонгирање треба да го одобрат сите 27 земји членки на ЕУ.